Connect with us

Култура

Етнолошките филмови на Вера Кличкова на втората вечер на патувачкиот Фестивал на македонски филм во Сплит

Во рамките на второто издание на патувачкиот Фестивал на македонски филм, синоќа во Сплит се одржа втората вечер на фестивалот посветена на етнолошките филмови на Вера Кличкова. Како што информираат од Македонскиот Културно информативен центар Загреб, биле прикажани филмовите – „Мариовска свадба”, „Велигденски обичаи” и „Русалиски обичаи во Гевгелија”.

Краток вовед во филмовите дадоа вишиот филмолог Дамјана Ивановска Патчева и филмскиот техничар и продуцент Тихомир Кашмицовски од Кинотека на Македонија, приближувајќи ѝ ја на публиката важноста на зачувувањето на етнолошкиот филм како дел од филмското наследство.

Денес Фестивалот продолжува со Трибина насловена „Дијалог на кадри – улогата на Кинотеката на Македонија во заштитата на филмското наследство и меѓународната промоција на македонската кинематографија” во просториите на Македонското културно друштво „Македонија” Сплит, која се одржува во рамките на манифестацијата „Денови на македонскиот филм”. Вечерта продолжува со проекцијата „Македонски оскаровци” при што ќе бидат прикажани филмовите „Дае” („Мајка”) на режисерот Столе Попов и „Медена земја” на Тамара Котевска во кинотеката на Центарот за култура „Златна врата”.

Македонскиот КИЦ во Загреб и оваа година патувачкиот Фестивал на македонски филм го организира во партнерство со Кинотеката на Македонија и хрватската мрежа на независни киноприкажувачи, како дел од сопствената годишна програма поддржана од Министерството за култура и туризам. Фестивалското издание во Сплит се одржува во соработка со Македонското културно друштво „Македонија” Сплит и Центарот за култура „Златна врата”.

Во текот на месеците септември и октомври, во знак на одбележување на 35 години независност, Фестивалот на македонски филм, како што е најавено, продолжува во 11 градови низ Хрватска.