Connect with us

Свет

Во Тајланд уапсен будистички монах поради сомнение дека проневерил три милиони долари

Тајландската полиција уапси будистички монах поради сомнение дека проневерил околу 100 милиони бати (приближно три милиони долари) од манастирот во кој бил старешина, како и жена за која се сомнева дека му помагала во незаконските активности.

Уапсениот 66-годишен монах, Вачирајан Ви, бил старешина на угледниот храм Ват Путаисаван во древната престолнина Ајутаја, а се сомнева дека во текот на две години во повеќе од 20 наврати присвојувал пари од донации наменети за храмот, пренесува Би-Би-Си. По апсењето тој е разрешен од монашката служба.

Будистичките монаси на Тајланд полагаат завет на целибат и се одрекуваат од материјална сопственост.

Полицијата соопшти дека утврдила два текови на пари поврзани со признаниците за донации кои монахот ги издавал во име на храмот. Еден дел од парите бил наменет за реновирање на храмот, додека другиот се однесувал на купување амајлии и други свети предмети.

– Но парите од двата текови не влегоа на сметката на храмот. Ниту еден бат – изјави главниот инспектор Патанасак Бупасуван.

За време на претресот на куќата на монахот полицијата вчера пронашла готовина и златни полуги чија вкупна вредност надминувала 100 милиони бати. Истрагата траела до доцна во ноќта, пренесува тајландскиот весник „Д Нејшн“.

Со преглед на снимките од надзорните камери полицијата пронашла и снимка од монахот како има сексуален однос со жена во својата трпезарија. Таа е идентификувана како 47-годишната Пуњави Рунгруанг, која е исто така уапсена поради сомнение дека му помагала на службено лице во незаконски активности.

Полицијата од нејзината куќа запленила 35 златни амајлии, околу 1,5 килограми златни полуги и накит, со вкупна проценета вредност од околу 6,04 милиони бати. Инспекторите се сомневаат дека осомничената му помагала на монахот во управувањето со парите стекнати со проневера, наведувајќи дека низ нејзините банкарски сметки годишно минувале десетици милиони бати.

Истрагата беше покрената во средината на јули по анонимна пријава во која монахот беше обвинет за недолично однесување и злоупотреба на средствата на храмот. Полицијата не ја исклучува можноста во случајот да се вмешани уште две или три лица.

Случајот е најнов во низата скандали кои во последните години ја потресоа будистичката заедница на Тајланд, а кои вклучуваат монаси кои го кршат заветот на целибат, тргуваат со дрога и вршат финансиски криминал.

Во јули минатата година полицијата отвори телефонска линија за пријавување монаси поради недолично однесување, откако беше откриено дека најмалку девет монаси имале сексуални односи со една жена, која потоа ги уценувала со фотографии и снимки за речиси 12 милиони долари.