Свет
САД со 45 милиони долари ќе ја поддржат борбата на Еквадор против наркокартелите
САД ќе побараат од Конгресот дса одобри дополнителни 45 милиони долари за проширување на соработката со Еквадор во борбата против наркокартелите.
Американскиот државен секретар, Марко Рубио, финансиската помош ја најави за време на посетата на еквадорскиот главен град Кито. Дополнителни средства ќе бидат обезбедени и за борба против нелегалното рударство, а на Еквадор ќе му бидат доставени и пловни објекти за зајакнување на крајбрежната стража.
Рубио во престолнината на Еквадор се сретна со претседателот Даниел Нобоа, либерално-конзервативен лидер кој се смета за близок партнер на Вашингтон.
„Немаме подобар сојузник во регионот“, изјави Рубио, додека двете страни се согласија да ги интензивираат напорите против трговијата со дрога.
Еквадор стана важна транзитна земја за кокаинот од соседните Колумбија и Перу, а безбедносната состојба во земјата значително се влоши.
САД и Еквадор во март започнаа заеднички воени операции против трговијата со дрога.
Американската војска претходно оваа недела соопшти дека уништила неколку чамци во Тихиот Океан што биле користени од еквадорскиот наркокартел како станици за дотур на гориво.
Според американската Јужна команда, лицата што биле приведени во акциите им биле предадени на еквадорските власти.
Пред да отпатува за Еквадор, Рубио ја посети Колумбија каде што се сретна со новиот претседател на земјата Абелардо де ла Есприела, кој исто така настојува да ги зајакне односите со Вашингтон.
Регионалната турнеја Рубио би требало да ја заврши во Перу, каде што е предвидено да се сретне со претседателката Кеико Фуџимори.
септември 10, 2026
