Вести
Од Слива и Којов Трн до реката Жаба, а од тука до Осој: Како е спасен претседателот на Републиката, Никола Карев, од канџите на Бахтијар паша
Слободан ИВАНОВ
„Мили браќа и сестри! На Илинден и поилинденските први денови ние го разбивме и го истеравме врагот, но тоа не значи дека сме го совладале и победиле. Тој, веројатно собира сили за да дојде, да нѐ удри и да го преземе Крушово, та на тој начин, ем да го измие срамот што му го нанесовме, ем – за одмазда по силата на својот управнички систем, да ни натовари на вратот уште потежок јарем од досегашниот. Сè е можно. Ете зошто на денешниот свечен и величенствен ден, пред гробовите на нашите мили и скапи жртви, ние крушевчаните, без разлика на вера, народност, пол и убедување и материјална положба, се колнеме дека нема да го заборавиме нивниот свет завет дека со сите сили ќе се бориме за својата слобода, дека нема да го измениме нивниот идеал – идеалот на Илинден – и ќе ја продолжиме борбата до нејзиниот победоносен крај! Да живее Крушево – македонската мугра! Да живее делото и слава им!” – Никола Карев пред решавачките битки за Илинденско Крушево.
Никола Карев бил еден од главните водачи на Илинденското востание од 1903 година. Роден во Крушево, 1877-та, уште во младоста се вклучил во Македонската револуционерна организација (МРО / ВМРО), залагајќи се и борејќи се за ослободување на Македонија од отоманската власт. Неговата посветеност и организациски способности му овозможиле да стане еден од највлијателните револуционери во тој дел од Македонија.
Во пресрет на Илинденското востание, Никола Карев учествувал во подготовките за оружената борба. Хроничарот Кочо Топузоски, во биографијата на Никола Карев, укажува дека тој бил меѓу оние кои сметале дека востанието треба повнимателно да се организира за да има поголеми шанси за успех против многубројниот турски аскер.
СТАВОТ НА КАРЕВ ЗА ПРЕТСОЈНОТО ВОСТАНИЕ
На Конгресот во Смилево (2. – 7 мај 1903), Никола Карев е назначен за реководител на Крушевското горско начелство. Патем, тој не се согласувал со одлуката на солунскиот Централен комитет на Иван Гарванов за кревање востание налето. Карев, во дискусиите, се изјаснил дека делегатите „не треба да се придржуваат до мислењата и изјавите на кој било министер, па макар бил тој бугарски, руски или кинески“ – според хроничарите Никола Киров-Мајски и Кочо Топузоски.
Крушевската Република и слободните територии
– Ние имаме свое министерство, своја влада – Централниот комитет, и треба да нѐ интересираат само неговите решенија и решенијата на највисокиот наш институт – Солунскиот конгрес којшто ги изразува заложбите на целокупна Македонија и Одринско. Но јас, имено, се изјаснувам против решенијата на Солун за востание, не зашто бугарски и руски министри биле против него, туку затоа што тоа за нас ќе биде катастрофално – пред сѐ, цифрите говорат дека ние не сме доволно подготвени. Немаме доволно оружје и муниција, а и тоа што го имаме – половината е полусоодветно, да не кажам несоодветно, рекол Карев.
Поради тој негов став, Карев се судрил со Бугаринот Георги Папанчев и другите учесници кои биле за кревање востание. Сепак, ја прифатил одлуката за кревање востание на празникот Илинден.
Топузоски пренесува и едно интервју на грчкиот весник „Акрополис“ со Карев, објавено на 8 мај 1903. Прашан од грчкиот новинар при разговорот, македонскиот војвода вели дека е Македонец и наследник на Александар Велики Македонски. Јасна национална самоопределба. Но, позанимливо е што претседателот на идната македонска Крушевска Република, Карев истакнува и дека „Комитетот (ВМРО) не е бугарска организација“, и оти се борат за независна република којашто ќе гради демократија и пријателство со сите соседи на Македонија.
ВОСТАНИЕТО
Кога почнало Илинденското востание на 2 август 1903, но и тие неколку месеци претходно, Карев ја предводел револуционерната активност во Крушево – подготовки на комититите, вооружување, обука.
– Мили мои другари и браќа! Вие, со сигурност веќе разбирате дека настапи часот кога ќе влеземе во нашето сакано Крушево, за да го развееме знамето на оружениот бунт, кога ќе го објавиме востанието кое цел народ го очекува. Напред другари, смело во борбата за слобода! – истапил Карев пред востаниците
Востаниците успеале да го ослободат градот и да воспостават слободна територија, што претставувало еден од најголемите успеси на востанието. По ослободувањето на Крушево, Никола Карев бил избран за претседател на Крушевската Република, којашто, иако постоела само 10 дена, останува запаметена како симбол на стремежот на македонскиот народ кон слобода, самостојност и независност.
На 4 август, околу пладне, Горското начелство во состав: Никола Карев, Томе Никле, Тодор Христов, Антиноген Хаџов и веќе приклучените кон него Григор Божинов и Тодор Павлов, од Гумења, се упатил во ослободениот град, свечено и радосно пречекани од граѓаните. Според Мајски, Никола Карев се обратил на присутните.
– Браќа! Долгите како вечност дни на црното турско ропство веќе одминаа. Народните страдања ги стигнаа крајните граници, чашата на трпението се прелеа, пламнаа нашите срца и ние, синовите на страдалниот наш народ, за да ги исполниме светите завети на нашите дедовци и предедовци, се организиравме, дадовме заклетва за верност до смрт и востанавме за да и дариме мир на нашата маченичка, мајка Македонија, чија земја е натопена со солзите, потта и крвта на нејзините синови и ќерки, и да извојуваме слобода, леб и човечки правдини! – истакнал Карев.
Во Привремената влада на Крушевската Република влегле шестмина: Дину Вангели (претседател на Владата), Николаки Баљу, Ѓорѓи Чаче, Теохар Нешков, Димитар Секулов и Христо Ќурчиев. Тие биле избрани на Собранието на градот Крушево, одржано токму на 4 август 1903 година.
Како претседател на Републиката, Карев настојувал да воспостави праведен и демократски поредок. Во управувањето биле вклучени претставници од сите етнички и верски заедници во градот, што го покажало стремежот за меѓусебна соработка, демократија и еднаквост. За време на борбите за одбрана на Крушевската Република, заедно со другите војводи и водачи, Карев покажал голема храброст и лидерство. И покрај ограниченото оружје и човечки ресурси, востаниците долго му се спротивставувале на далеку посилниот противник.
РЕШАВАЧКИТЕ БИТКИ
Отоманскиот главен командир Бахтијар-паша го подготвил планот за напад на Крушево што предвидувал настапување на регуларна војска и башибозук од три насоки: едната, под негова непосредна команда – од југо-исток, исток и северо-исток – од с. Кривогаштани кон Крушево, втората од југ – од Битолската касарна и третата, од север, од Кичевската касарна.
Никола Киров-Мајски пренесува сведоштва за тоа – како крушевчани од месностите Гумења, Струнга и Плочи набљудувале како огромна војска се приближува кон нивниот град. Горското началство на чело со Никола Карев веќе ги вршеле последните подготовки. Се разделила целата муниција, се издале наредбите секој одред да остане на својата позиција и да се чека последната наредба на штабот, пред неизбежниот судир.
Од јужната страна, според наводите, над 4.000 турски војници, насочени кон Крушево, кај с. Прибилци се разделиле на две колони. По планот за одбрана ним требало да им се спротивстават четите на војводата Ристе Тасев-Црниот, на Павлева Чешма и неколку оддели од четата на Питу Гули и тоа, одделението на Нечо Трифунов кај с. Журче, на Нове Јанкулов кај Острилци и онаа на Блаже Биринчето под Бирино – сите заедно не повеќе од 300 востаници.
Од северо-западната страна, петилјадна војска настапувала во три колони. На овие турски трупи требало да им се спротивстават четите на војводата Ташко Карев кај местото Којов Трн, на Тодор Христов кај Слива и на војводите Иван Наумов-Алабакот и Марко Христов-Мирче на Дени Камен – сите заедно не повеќе од 500 востаници.
Главниот удар Бахтијар-паша го подготвувал од источната страна, откај Кривогаштани. Под негова непосредна команда имал на располагање повеќе од 5.000 аскер – војници опремени со најсовремено лично вооружување, и топови од најквалитетно германско производство. Покрај војската, Бахтијар го повикал и башибозукот од околните муслимански села – Турци, Албанци, Черкези и потурчени од Крушевско, Прилепско, Тиквешко, Велешко, па и од Скопско. На сета оваа војска, на Муратова Чешма чекала четата на војводата Коста Христов Димитров, на Мечкин Камен требало да се спротивстави четата на војводата Питу Гули, и четата на војводата Андреа Димов Докурчев од позициите кај местата Студена Вода и Плочи. Четвртиот дел, под директна команда на пашата-генерал бил подготвен – со марш, директно по патот да тргне кон Крушево. На оваа војска требало да ѝ се спротивстави четата на војводата Ѓурчин Наумов-Пљакот, стационирана кај Кале, Спилите и Липа. Вкупниот број на востаниците и на овој, источен сектор бил околу 500 луѓе.
За да ја оствари планираната цел, Бахтијар-паша во с. Кривогаштани го заробил крушевчанецот Коста Њику и го испратил во Крушево за на востаничките раководители да им го пренесе ултиматумот: да се предадат сите востаници, војводите и раководителите.
За овој настан, Тоду Борјар раскажува: Сабајлето на 12 август, Бахтијар-паша испрати порака по Коста Њику – Баждавела, којашто во Горското начелство стаса околу 8 часот. Коста Њику му ја предаде пораката на Никола Карев. Останалите членови на Горското начелство, со двогледи ја набљудуваа турската војска.
Кога Карев ја прочитал пораката на Бахтијар-паша, ги повикал другите.
Пораката вели: „Великиот султан ќе биди милостив и ќе ѝ прости на грешната раја, која дигнала глава против силната империја. Барам да се предаде градот и вие да наведнете глава, бидејќи сте на лош и погрешен пат. Доколку не сакате тоа да го сторите, ќе го запалам и бомбардирам градот, така да мртво и живо ќе проплаче од мојата силна рака”.
Во седиштето на Горското началство на Гумења, Никола Карев веднаш свикал советување за одговор по ултиматумот и дрската уцена на Бахтијар-паша, сведочи хроничарот Мајски.
„Во бараката на Штабот веднаш беше свикан голем вонреден совет во којшто зедоа учество, покрај Горското началство и војводите на одделните востанички одреди, уште и Привремената влада на републиката и крушевскиот околиски револуционерен комитет. Расправата во однос на ултиматумот на пашата траеше само половина час. Се изјаснија сите до еден од присутните. Иако до тогаш претходницата на војската стигна до Трстеничката Река и наближи до крушевскиот терен, во никого не се појави ниту сенка од малодушност. Едногласно се реши Коста Њику да биде вратен назад и на пашата му се предаде следниот писмен одговор: ‘Ние не сме разбојници, како што не нарекувате, но борци за правда и слобода!” Востанавме не да се предаваме, туку да се бориме – за слободата на Македонија’!” – забележал Мајски.
Востаниците ја искористиле првичната мала предност на теренот и со воените маневри на Христов ги избегнувале нападите на турската артилерија. Така, со часови го задржувале противникот. Но, како што муницијата се трошела, отпорот почнал да слабее. Сепак, македонските борци продолжиле да се борат сѐ до последните сили и можности, знаејќи дека од нивната истрајност зависи судбината на Крушево.
Во тие мигови, Карев и Горското начелство наредиле постепено повлекување – насочено кон Мечкин Камен, каде што требало да се збие последниот отпор. Така, одбраната постепено се стеснувала сè до решавачкиот судир на Мечкин Камен, каде што Питу Гули ја презел главната тежина на судирите.
Овде, против десеткратно побројниот и подобро вооружен непријател, битката е изгубена. Но, следело спасувањето на што поголем број од месното население и борците кои ќе ја продолжат борбата во иднина.
Како се спасил претседателот на Крушевската Република? Благодарение на натчовечки самопожртвуваната борба на четата на војводата Ташко Карев на Којов Трн, кој иако со само 30 востаници успеал да ја запре и времено да ја разбие многубројната турска војска која надоаѓала од насока на Кичево, Никола Карев, членовите на Горското началство, поголемиот број на востаничките единици од западот и голем број граѓани, со крајни напори – пробивајќи се меѓу месностите Слива и Којов трн, успеале да се спуштат до реката Жаба, а од тука до Осој. Целата ноќ, според непосредниот учесник во овие настани – Георги Иванов Атанасов, се прибирале групи на избегани граѓани, меѓу нив старци, жени и деца. Така и се спасиле од одмаздата на Османлиите
август 13, 2026
