Connect with us

Општини

Нови тендери за два прекугранични проекти со Грција, наесен ќе распише Центарот за развој на Југоисточниот регион

Од наредниот месец Центарот за развој на Југоисточниот регион ќе распише тендер за набавка на две електрични возила и едно комбе, наменети за превоз на лицата со посебни потреби, а од октомври ќе се распише тендерот за најавената инклузивна плажа на Дојранското Езеро. Ова го соопштија од Центарот, од каде информираа дека двата тендери ќе се спроведат како дел од проектот “TX4ALL”, прекуграничен проект кој има за цел да создаде инклузивни и достапни јавни простори и услуги за лицата со попреченост, во соработка со партнерите од Грција. 

– Во подготовка е тендерот за набавка на две електрични возила, едно за Гевгелија и едно за Дојран, кои ќе им бидат доделени на општините со цел да ги користат лицата со посебни потреби како и стари и немоќни лица. Исто така, во план е и набавка на едно специјално комбе за превоз на лица со посебни потреби, кое ќе може да го користат и индивидуални лица, а ќе може да се употребува и од страна на организации. Што се однесува до инклузивната плажа, предвидено е таа да се изгради на дојранското крајбрежје, па за таа цел во октомври планираме да го распишеме тендерот за израдба, а до први март идната година плажата да биде целосно поставена и во функција за наредната туристичка сезона, велат од Центарот за развој на Југоисточниот регион.

Вкупниот буџет на проектот е околу 1,3 милиони евра, а проектот е кофинансиран од  Програмата Interreg VI-A Грција – Северна Македонија 2021–2027 година, со поддршка од Европскиот фонд за регионален развој и национални средства.
Паралелно со овој проект, Центарот продолжува со реализација и на проектот „Кон прекугранична област, безбедна за срцето“ кој има за цел да набави нова опрема за итната медицинска помош во прекуграничниот регион со Грција. Со набавка на нови амбулантни возила, дефибрилатори, ЕКГ апарати и обуки за здравствени работници и граѓаните, ќе се овозможи побрза реакција при срцев удар и други итни случаи, велат од организацијата.

– Договорот со економскиот оператор е склучен и од септември ќе се почне со тренинзи за да обучиме што повеќе лица кои ќе ракуваат со дефибрилаторите. Тие ќе бидат поделени кога ќе завршат обуките, но се уште немаме договорена конечна листа на кој начин ќе се распределат. Во Струмица, обуките ќе се одвиваат во хотелот “Сириус”, во соработка со Црвениот Крст и Итната медицинска помош, а во Гевгелија ќе се одвиваат на терен. Најпрво ќе биде обучен медицинскиот персонал, кои обуката ќе ја добијат во Грција, во втората половина на октомври. На домашен терен исто така ќе имаме посета од тренери од Грција, а сите лица кои ќе ја поминат обуката потоа ќе можат да обучуваат други лица тука во Македонија, информираат од Центарот.

Апаратите ќе бидат наменети за општинските установи, здравствените институции, граничните премини, противпожарните друштва и слично.

Проектот треба да се реализира до октомври следната година, а вкупен буџет е 1,2 милиони евра.