Connect with us

Култура

Меморандум за соработка меѓу македонскиот КИЦ во Софија и Друштвото на писателите на Македонија

Македонскиот Културно-информативен центар во Софија и Друштвото на писателите на Македонија потпишаа Меморандум за соработка, со што, како што известува Центарот, „воспоставена е цврста основа за понатамошно унапредување на соработката во областа на културата, книжевноста и промоцијата на македонското духовно и литературно творештво“. Меморандумот го потпишаа директорот на КИЦ на Република Македонија во Софија, Зоран Пејковски, и претседателката на ДПМ, Гордана Јовиќ-Стојковска.

-Со потпишувањето на овој документ двете институции ја потврдија својата заедничка определба за воспоставување долгорочно партнерство, засновано врз заемна поддршка, размена на искуства и реализација на заеднички проекти од национално и меѓународно значење. Меморандумот предвидува развивање на соработка во организирањето книжевни промоции, авторски средби, трибини, научни конференции, изложби, литературни фестивали, преведувачки проекти, издавачки иницијативи и други културни содржини кои ќе придонесат за афирмација на современата македонска литература и нејзино претставување пред меѓународната јавност. Истовремено, документот отвора можности за продлабочување на соработката меѓу писателите, книжевните истражувачи, преведувачите и културните работници, како и за заедничко аплицирање на проекти од национален и меѓународен интерес, соопшти КИЦ каде што е потпишан меморандумот.

Македонскиот културно-информативен центар во Софија посочува дека и во иднина ќе продолжи „да создава простор за претставување на најзначајните достигнувања на македонската книжевност и за воспоставување нови партнерства со релевантни културни институции“.

-Во таа насока, соработката со Друштвото на писателите на Македонија претставува значаен исчекор кон уште посистематска промоција на македонските автори и нивното творештво, се наведува во соопштението.

Претседателката на ДПМ, Јовиќ-Стојковска, на КИЦ-от му предала донација од изданијата на Друштвото на писателите на Македонија, наменета за библиотеката на Центарот, кои ќе бидат достапни за посетителите, студентите, истражувачите и сите љубители на македонската книжевност.