Култура
Објавен поетскиот еп „Крстот на Охрид и Светлината на Вечноста“ – 70-то книжевно дело на Зоран Пејковски
Од печат излезе поетскиот и духовен еп „Крстот на Охрид и Светлината на Вечноста“, најновото и 70-то книжевно дело на проф. д-р Зоран Пејковски, посветено на неговото блаженство, архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, по повод 40 години од неговото замонашување.
Делото претставува поетски еп во кој духовниот пат на архиепископот г.г. Стефан се преплетува со историјата на Македонија, традицијата на светата Охридска Архиепископија и христијанското духовно наследство.
Рецензент на книгата е писателот, драматург и поет Јордан Плевнеш, кој делото го оценува како „транс-историски поетски еп“ што ја поврзува личната духовна биографија со вековното траење на христијанската цивилизација и духовната светлина на Охрид.
Според рецензијата, епот во дванаесет пеења обработува теми поврзани со верата, љубовта, истрајноста и духовното служење, а поетскиот наратив ги поврзува апостолските почетоци на христијанството во Македонија, Светиот апостол Павле, Света Лидија Македонска, Јустинијана Прима, како и делото на Светите Климент и Наум.
Во делото Охрид е претставен како духовен центар и симбол на континуитетот на македонското духовно и културно наследство, додека ликот на архиепископот г.г. Стефан е прикажан како симбол на посветеност, трпение и архипастирска служба.
Со „Крстот на Охрид и Светлината на Вечноста“, проф. д-р Зоран Пејковски го заокружува своето 70-то книжевно дело, кое, според авторот и рецензентот, претставува поетско сведоштво за духовното наследство на Македонија и трајните вредности на верата и словото
август 5, 2026
