Connect with us

Култура

Младите Македонци и Македонки од Хрватска ги чуваат своите корени и идентитет, одржана Летната школа за македонски јазик

Во Селце, Хрватска, се одржа годинешната Летна школа за македонски јазик во Република Хрватска. Проектот, чиј носител е Заедницата на Македонците во Република Хрватска, а се остварува со финансиска поддршка на Министерството за наука, образование и млади на Република Хрватска, уште еднаш ја потврди својата непроценлива улога во зачувувањето на македонскиот јазик, идентитет и култура кај помладите генерации. На школата учествуваа ученици од сите краеви на Хрватска – Загреб, Осијек, Задар, Риека, Дуго Село и Света Недела.

Со образовна, уметничка и спортска програма: од „Бушава азбука“ до македонски фолклор Во текот на еднонеделниот престој, учениците беа дел од богата програма во која учеа низ креативност и забава. Пред сѐ учеа јазик и писмо: во ритамот на македонскиот мелос, учениците ги надополнуваа своите знаења за македонската азбука. Особено внимание беше посветено на култната емисија „Бушава азбука“ и нејзиното значење во описменувањето на многу генерации, а учениците ги изработуваа почетните букви од своите имиња од глиномол. На Школата имаше и ликовни и едукативни работилници: под раководство на наставничката Наталија Лековска, се раѓаа уметнички дела инспирирани од убавините на Македонија, а беше реализирана и посебната ликовна работилница „Патот на македонскиот денар“.

-На часовите по историја и легенди, младите се запознаа со легендите за природниот феномен Куклици и древниот град Кратово, сместен во еден од најстарите вулкански кратери во Европа. Посебен момент беше испраќањето порака за мир во водите на Јадранското Море – порака која со голема доверба ја додели познатиот уметник Живко Поповски Цветин за време на Струшките вечери на поезијата. А составен дел од Школата беа и часовите по спорт и фокус: спортскиот дух се градеше преку карате тренинзите под водство на карате мајсторот Стефан Цветановски, фокусирани на концентрација, баланс и фокус, проследени со игри во морето и заедничка прослава на пет родендени, информираат од Заедницата на Македонците во Република Хрватска.

Во рамки на школата беше одржана Свечена академија на која беа доделени дипломи за сите учесници. Учениците се претставија со свои игрокази, а за дел од нив ова беше прв јавен настап. Програмата беше збогатена со гостување на МКД „Илинден“ од Риека. Друштвото се претстави со своите секции, а водителката Ивона Дуновски која беше водител на фолклорните работилници имаше кратко предавање за македонските носии, нивното значење и важност по што следуваше мала, но богата ревија на народни носии. Програмата заврши со формирање на најголемото и најшареното македонско оро, исполнето со насмевки и гордост.

– Нашите ученици се чувари на македонскиот идентитет, нашите најголеми и најискрени амбасадори во светот и продолжувачи на делата на Конески, Мисирков, Миладиновци, Рацин, А. Поповски, Петре М. Андеевски, Горан Стефановски…, порачува Ивана Брезовец координаторка и водител на проектот, професорка која ја изведува наставата за предметот Македонски јазик и култура по модел Ц во Првата гимназија во Загреб и ОУ „Света Недела“ член на УО на Заедницата на Македонците во РХ и претседателка на МКД „ Охридски бисер“ во Загреб.

Организаторите уптуваат благодарност за  финансиската поддршката до Министерството за наука, образование и млади на Република Хрватска како главен финансиски покровител, Град Света Недела, МКД „Илинден“ – Риека и МКД „Браќа Миладиновци“ – Осијек.