Култура
Расказот „Службен пат до Тирана“ е добитник на наградата „Живко Чинго“
Расказот „Службен пат до Тирана“, под шифра „Патникот“, е избран за најдобро дело на годинашниот конкурс за наградата „Живко Чинго“ што се доделува во чест на еден од најзначајните македонски раскажувачи.
Во конкуренција од 24 доставени авторски трудови, стручната комисија во состав проф. д-р Димитар Пандев, претседател, и членовите Славе Ѓорѓо Димоски и проф. д-р Иван Џепароски, одлучи наградата да му припадне на расказот „Службен пат до Тирана“, препознавајќи ги неговата оригиналност, современоста на темата и квалитетот на литературниот израз.
Во образложението комисијата наведува дека наградениот расказ се издвојува со „антрополошко-етичкиот пристап, ретко присутен во најновата македонска литература“, со ведрата емпатија кон туѓото и кон своето, со хуморната димензија што се провлекува низ целиот текст, како и со беспрекорно чистиот јазичен израз.
Наградата на лауреатот ќе му биде врачена на традиционалната манифестација „Вечер на Живко Чинго“, што ќе се одржи на 13 август во Велгошти, родното место на големиот македонски писател
август 2, 2026
