Култура
Десетто издание на фестивалот на краток филм Дрим Шорт
На повеќе локации во Струга од 5 до 9 август ќе се одржи 10-тото јубилејно издание на фестивалот на краток филм Дрим Шорт.
Организаторот, тимот на Дрим Шорт, соопшти дека главната програма на фестивалот ќе се одржи во Паркот на поезијата, додека останатите настани се распределени во Јуроп хаус Струга, мезебар Кингстон и кафе бар Дуќан.
– Десет години пловиме… Имавме мирни утра каде што сѐ изгледаше можно, но имавме и бури што нѐ тестираа дали веруваме во она што го создаваме. Секој бран нѐ научи да пловиме подобро, секоја капка слеана во нашето езеро ни даде надеж и го направи езерото поголемо. Со многу љубов кон филмската уметност, секоја година заедно со публиката и нашите драги филмски пријатели стануваме еден мал брег каде што филмот станува дел од летото на Струга и дел од приказната на сите што поминале низ него. Секоја година ја боиме реалноста со малку убавина. Оваа година не славиме само јубилеј. Ги славиме сите капки слеани во ова наше езеро – секој автор, секој филм, секој гледач, секој волонтер. Ниту една приказна не се создава сама. Капка по капка – езеро, соопшти организаторот.
Специјални гости на јубилејното издание на фестивалот, како што стои во најавата, се двајца реномирани сценаристи, Пјер Хоџсон и Масимилијано Нардули, чија раскажувачка креативност е вградена во многу врвни дела на европската кинематографија. Тие, според најавата, треба да одржат мастеркласови, каде публиката ќе има можност да слушне приказни за тоа како се раскажуваат приказни, зошто е потребно многу време да се напише сценарио и како минатото ги обликува новите приказни.
– Секој филм од програмата е една мала капка, што го создава потокот од мисијата кој се слева во нашето езеро, Струга да стане град на филмот. Во текот на пет фестивалски денови, филмовите се поделени во пет натрпеварувачки програми: меѓународна, регионална, национална, студентска и специјална програма „Соочување со минатото“ во соработка со Про Пис Северна Македонија, соопшти Дрим Шорт.
Жирито, додаваат, го сочинуваат меѓународни интернационални филмски уметници: Масимилијано Нардули, сценарист, Верица Недеска, актерка, Цанко Василев, продуцент и Гледис Бица, режисер.
– Другата наша мисија, да дадеме простор за промоција на македонската кинематографија, на ова јубилејно издание ја реализираме со специјална програма „Студенти во фокус“, каде ќе се прикажат уште 6 македонски, студентски филмови, а за нивната работа публиката и авторите ќе имаат можност да разговараат со актерот Никола Ристоновски, стои во информацијата на Дрим Шорт.
Во соработка со Амбасадата на Кралството Холандија во рамки на програмата, посочуваат, ќе се реализира „Холандска вечер“, каде ќе се прикаже програма од 5 кратки холандски филмови, во селекција на нашите соработници од фестивалот „Go Shorts“ и специјална ВР програма на кратки филмови. И оваа година ја продолжуваме соработката со Еко Свест, преку програмата „Свесно Кино“.
Во офф програмата, посочуваат, предвиден е забавен дел со концерт на Дина Јашари, а следните денови присутните ќе ги забавуваат дуото „Антартик“, новиот проект на стружанецот во Белград, Илија Дуни и Александар Гроздановски.
Влезот за сите настани е бесплатен.
Генерален покровител на овогoдинешното издание на Фестивалот е Агенција за филм, а партнери се ПроПис, Амбасадата на Кралството Холандија, Општина Струга, центарот за култура „Браќа Миладиновци“, невладини рганизации и приватни компании
август 1, 2026
