Општини
Колев: Изградбата кај езерото „Младост“ е по стари урбанистички планови, не станува збор за нова урбанизација
Оградувањето на нова парцела за изградба на станбена зграда во близина на езерото „Младост“ повторно ги отвори реакциите на велешани и еколошките здруженија, кои се против натамошната урбанизација на рекреативниот центар. Градоначалникот на Велес, Марко Колев, тврди дека не станува збор за нова урбанизација, туку за реализација на урбанистички планови донесени пред повеќе од една деценија.
Одговарајќи на новинарско прашање, Колев изјави дека актуелната локална власт не започнала ниту ќе започне нова урбанизација на просторот околу езерото.
-Тоа за што зборувате е дел од последната урбанизација од 2008 година. Оваа власт ниту ја почнала, ниту ќе ја почне урбанизацијата- рече Колев.
Во врска со новооградената парцела, тој појасни дека земјиштето било отуѓено неколку месеци пред да ја преземе градоначалничката функција.
-За таа локација којашто неодамна е заградена, морам да ја информирам јавноста дека пред таа парцела била отуѓена неколку месеци пред да дојдам на локална власт, а тоа е 4години и 8 месеци. Значи парите за таа парцела се легнати неколку месеци пред да дојдам на власт. А штом некој има сопственост на парцелата, во изминатите години зградата се проектираше има одобрение за градба и ќе се гради, не можам јас да ја спречам целата постапка- појасни Колев.
Во врска со новооградената парцела, тој појасни дека земјиштето било отуѓено неколку месеци пред да ја преземе градоначалничката функција, односно пред речиси пет години, а средствата од продажбата тогаш биле уплатени во општинскиот буџет.
Според Колев, сопственикот на парцелата во меѓувреме обезбедил проект, одобрение за градба и сите потребни согласности од надлежните институции, поради што Општината нема законска можност да ја запре изградбата. Тој додаде дека дел од парцелата бил дооформен со одлука на Владата.
Од друга страна, граѓаните и еколошките активисти сè погласно се спротивставуваат на изградбата на нови објекти во околината на езерото „Младост“. Тие предупредуваат дека просторот, кој до големиот пожар во август 2019 година беше покриен со борова шума, постепено се претвора во урбанизирана зона со нови ресторани, кафулиња и станбени згради.
јули 21, 2026

