Connect with us

Кошарка

ТФТ, Маџари и Чаир не добија лиценца за настап во Суперлигата во новата сезона

Екипите на ТФТ, Маџари и на Чаир не добија лиценца за настап во најсилната македонска лига во новата сезона, објави денес КФСМ. 

– Во рамките на процесот на лиценцирање за натпреварувачката сезона 2026/2027, Кошаркарската федерација на Македонија за првпат воведе систем на лиценцирање кој, покрај организациските и техничките критериуми, предвидува и задолжително исполнување на критериумите за финансиска дисциплина.
Сите клубови беа навремено и писмено информирани за условите, роковите и обврските кои произлегуваат од Правилникот за лиценцирање.
Дополнително, федерацијата обезбеди повеќе поволности и олеснувања со цел клубовите да можат навремено да ги регулираат своите обврски.
Крајниот рок за исполнување на финансиските критериуми беше 15 јули 2026 година.
За жал, и покрај обезбеденото време, укажувањата и можностите што им беа ставени на располагање, три клуба не ги исполнија предвидените финансиски услови во утврдениот рок:
– КК ТФТ – Скопје
– КК Маџари – Скопје
– КК Чаир – Скопје.
Поради тоа, а имајќи ја предвид обврската за еднаква примена на правилата кон сите учесници во натпреварувањето, Кошаркарската федерација на Македонија не е во можност да им издаде лиценца за настап во натпреварувачката сезона 2026/2027, стои во соопштението на федерацијата.

Од КФСМ се надеваат дека во иднина клубовите ќе ги почитуваат правилата и финансиска дисциплина се со цел, создавање стабилен, одржлив и кредибилен систем кој ќе придонесе за понатамошен развој на македонската кошарка.

Одлуката на федерацијата се однесува исклучиво на процесот на лиценцирање на клубовите кои ќе се натпреваруваат во највисокиот ранг на натпреварување во сезоната 2026/2027.

Ad
Ad