Култура
Македонскиот КИЦ во Загреб доби благодарница од најпрестижната фолклорна манифестација во Хрватска
На свечена церемонија во Хрватскиот државен архив, по повод 60-годишнината на Меѓународната смотра на фолклорот во Загреб – најугледната хрватска манифестација посветена на зачувувањето, презентацијата и промоцијата на традициската култура и нематеријалното културно наследство – македонскиот КИЦ во Загреб доби благодарница за креативен придонес и успешна взаемна соработка во продлабочувањето на соработката меѓу Македонија и Хрватска во областа на заштитата, презентацијата и промоцијата на нематеријалното културно наследство.
Благодарницата за македонскиот КИЦ ја врачи уметничкиот директор на Меѓународната смотра на фолклорот, Твртко Зебец, а во име на директорката на македонскиот КИЦ ја прими Зорица Велиновска, претставничка на Македонците во Советот за национални малцинства на Република Хрватска.
„Ова е исклучително значајно признание за македонскиот КИЦ во Загреб и потврда за неговата клучна улога на полето на културната дипломатија и јакнењето на културната соработка меѓу Македонија и Хрватска, особено во областа на зачувувањето и промоцијата на нематеријалното културно наследство. Да се добие благодарница по повод 60-годишниот јубилеј на Меѓународната смотра на фолклорот во Загреб, манифестација чиј претседавач на Советот е министерката за култура и медиуми на Република Хрватска, Нина Обуљен Коржинек, претставува голема чест и привилегија, а истовремено и уште поголема обврска и одговорност да продолжиме со квалитетна презентација и промоција на богатата вековна македонската култура и уметност. Нашата визија е преку културната дипломатија да придонесуваме кон продлабочување на културните врски меѓу Македонија и Хрватска и да отвораме нови можности за соработка афирмација и промоција на културните вредности на двете држави “, вели Мими Ѓоргоска Илиевска, директорка на македонскиот КИЦ во Загреб.
По повод јубилејот 60 години Меѓународна смотра на фолклорот, во македонскиот КИЦ во Загреб на почетокот на овој месец беше отворена изложбата „Поздрав од Македонија – фотографии на македонски фолклорни групи на Меѓународната смотра на фолклорот во Загреб“, на авторките Ивона Опетческа Татарчевска и Бојана Пољаковиќ Поповиќ. Изложбата преку фотографии од архивата на МСФ го документира шестдецениското учество на македонските фолклорни групи на оваа значајна меѓународна манифестација.
Оваа година во рамките на официјалната програма на Смотрата на сцените во паркот Зрињевац и на главниот плоштад „Бан Јелачиќ“ во Загреб со својот автентичен вевчански фолклор се претстави КУД „Дримкол„ од Вевчани.
јули 21, 2026


