Здравје
Прераната употреба на паметен телефон го загрозува здравјето на детето
Дебатата за возраста кога детето треба да го добие својот прв (паметен) мобилен телефон трае со години. Решение постои, но родителите ретко одлучуваат да го сторат тоа.
Родителите честопати не се свесни колку се променил начинот на којшто децата ги користат мобилните телефони. Додека некогаш главно се користеле за повици и пораки, денес на телефонот има цел виртуелен свет. Децата бараат мобилни телефони сè порано и порано, а многу родители попуштаат во таа битка, и покрај советите на психолозите да се почека. Затоа стручњаците се сè позагрижени за неколку здравствени опасности поврзани со употребата на мобилен телефон во детството. Научен труд на Американската академија за педијатрија ги истражуваше потенцијалните опасности за децата кои го добиле својот прв мобилен телефон пред 12-годишна возраст и открива три загрижувачки проблеми со коишто тие деца би можеле да се соочат како тинејџери, пишува „Јортанго (YourTango)“.
Пред сѐ, прекумерната употреба на паметни телефони е штетна за менталното здравје на која било возраст, а најмладите се уште повеќе подложни на развој на депресија.
Иако социјалните мрежи можат да ги поврзат луѓето, тие исто така, можат да ја поткопаат самодовербата на корисникот кој, на пр., постојано се споредува со другите. Постојаниот прилив на известувања, пак, создава нездраво чувство на стрес, особено кога станува збор за негативна содржина на интернет. Ова може да биде премногу за секого, а е особено проблематично за младиот ум, чии родители честопати не се свесни за нивото на стрес низ коешто минуваат нивните деца.
Истражување од 2023 година покажува дека децата кои користат мобилни телефони најмалку два часа на ден имаат полошо целокупно здравје и повисоки стапки на дебелина. Слични резултати се претходно забележани кај деца кои минувале премногу време гледајќи телевизија.
Иако користењето мобилен телефон и гледањето телевизија може да изгледа различно, секое пасивно време минато пред екран ги одвлекува децата од играта надвор и физичката активност. Исто така, долгото гледање во екранот може да доведе до несвесно прејадување, бидејќи децата не обрнуваат внимание на сигналите за глад и ситост, па затоа јадат дури и откако ќе се заситат.
На децата им е тешко да постават свои ограничувања за времето поминато пред екран – нешто со што се борат и многу возрасни. Тие ќе изберат мобилен телефон пред вежбање бидејќи нуди моментно задоволство со минимален напор, сметаат стручњаците. За жал, тоа чувство на задоволство брзо исчезнува, па затоа децата потоа бараат повеќе време пред екран за повторно да се чувствуваат добро.
Мобилните телефони влијаат и на квалитетот на сонот на повеќе начини. Сината светлина од екранот, на пр., влијае на лачењето мелатонин – хормон клучен за спиењето. Квалитетот на сонот е нарушен и од недостатокот од физичка активност предизвикан од употребата на мобилниот телефон, коешто го отежнува заспивањето.
Зависно од нивната возраст, на децата обично им требаат од 9 до 11 часа спиење. Недоволниот сон го отежнува успехот во училиште, како и регулирањето на односите и расположението. Уште полошо, развивањето лоши навики за спиење поставува основа за долгорочни проблеми. Податоците се веќе загрижувачки – повеќе од половина од американските тинејџери ги користат своите паметни телефони по полноќ – дури и во работен ден.
Овие загрижености на некои луѓе може да им изгледаат нереални. Родителите пријавуваат дека најчесто им даваат паметни телефони на своите деца на возраст меѓу 12 и 14 години, но некои – дури и порано. Ова значи дека голем број деца се изложени на опасност од гореспоменатите лоши навики и поврзаните со нив здравствени проблеми.
За родителите кои сакаат да останат во контакт со своите деца, постојат алтернативи на паметните телефони. Достапни се уреди што им овозможуваат на родителите да ги ограничат функциите само на повици и пораки, а тоа ќе рече – враќање кон класичните телефони на преклоп, или пак, часовници што можат да повикуваат само неколку избрани броеви за повик.
Одлуката за тоа – кога детето е подготвено за телефон, им останува на родителите, но тие не треба да брзаат само затоа што детето го бара „модерниот“ најнов уред. Дозволувањето на детето да биде дете е подарок за којшто веројатно самото тоа, како позрела личност, ќе им биде благодарен /-на подоцна на своите родители.
јуни 26, 2026

