Тенис
Ѓорческа на чекор до влез на главниот турнир на Вимблдон
Македонската тенисерка Лина Ѓорческа (ВТА-223) забележа победа во второто коло од квалификациите на Вимблдон, совладувајќи ја вечерва Франциска Жорге од Португалија со 2-1 во сетови (5-7, 6-2, 6-1) за 2 часа и 23 минути игра.
Ѓорческа до триумфот дојде со пресврт во вториот и во третиот сет, доминирајќи на теренот број 10 и направи серија од 12:3 во гемови.
По загубениот сет, Ѓорческа почна порешително во вториот сет и со два брејка поведе со 3:0 во гемови, а Жорге намали со брејк на 3:1. Македонската тенисерка направи уште еден брејк во седмиот гем и поведе со 5:2, а во осмиот гем на свој сервис ја искористи првата сет топка за 6:2 и 1-1 во сетови.
Во решавачкиот сет, македонската тенисерка поведе повторно со 3:0 во гемови по двата брејка, а вториот беше по десет одиграни поени. Во следниот гем Жорге направи брејк, но тоа беше сè од неа во третиот сет бидејќи Ѓорческа ја искористи втората меч топка и сетот го доби со убедливи 6:1.
Утре во завршното трето коло од квалификациите за влез на главниот турнир, Ѓорческа ќе игра против Лусија Бронцети (ВТА-127) од Италија, која со 2-0 во сетови (63 63) ја победи Јустина Микулските.
Денешната програма на Вимблдон беше во прекин околу час и половина поради високите температури.
јуни 25, 2026

