Вести
Скопски безбедносен форум: Регионалната соработка клучна за справување со новите безбедносни закани
Безбедноста и стабилноста на регионот не се тукутака дадени, тие бараат континуирани инвестиции во демократски институции, владеење на правото, економски развој и регионална соработка – порача денеска првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, на отворањето на скопскиот безбедносен форум „Архитекти на стабилноста: безбедносниот идентитет на Западен Балкан“.
Според него, регионот се соочува со комплексна безбедносна средина, во која се преклопуваат традиционални и нови закани, вооружени конфликти, геополитички ривалства, кибернапади, дезинформации, енергетска несигурност и технолошки нарушувања.
Сали повтори дека европската интеграција останува стратешка цел на Северна Македонија и најсилна гаранција за долгорочна стабилност.
– Европската Унија не е само политички и економски проект, туку заедница заснована врз демократски вредности, солидарност и колективна одговорност – рече тој нагласувајќи дека напредокот кон ЕУ ги зајакнува институциите и ја зголемува отпорноста на општеството.
Сали оцени дека земјите од Западен Балкан се соочуваат со многубројни заеднички предизвици и дека само преку регионална соработка може да се зајакне колективната отпорност.
Скопскиот безбедносен форум, додаде Сали, претставува важна платформа за размена на идеи, развој на иновативни пристапи и градење мрежи на доверба, кои се неопходни за ефективно справување со кризи.
Јулијан Чифу од Центарот за спречување конфликти и рано предупредување од Романија оцени дека регионалната соработка и затворањето на старите спорови се клучни за стабилноста на Западен Балкан, особено во услови на брзи геополитички промени и растечка конкуренција меѓу големите сили.
Според него, посетите и конференциите во регионот се важни за да се следат, како што рече, еволуцијата на групирањето и капацитетот на земјите да создадат кохезија и заеднички пристап кон безбедносните предизвици.
Заедничкиот пристап на ниво на Западен Балкан може да даде нов импулс за решенија што ќе бидат поприфатливи и полесни за управување. Чифу предупреди дека светот се движи многу бргу напред, а технологијата и големите економски блокови ќе ги поставуваат правилата во 21 век.
Во однос на блокадата на Северна Македонија од Бугарија, тој оцени дека тоа не претставува директен безбедносен ризик и дека директните преговори, флексибилноста и поддршката од Европската комисија ќе бидат доволни за надминување на спорот.
Амбасадорката на Израел во Северна Македонија, Вивијан Ајзенж, посочи дека нападот на 7 октомври 2023 година донел суштински промени во безбедносните стратегии на Израел и во перцепцијата за регионалните закани.
Во обраќањето на скопскиот безбедносен форум Ајзенж истакна дека една од клучните лекции е дека „никогаш не треба да се суди за противникот според сопствените вредности“ нагласувајќи дека рачни актери дејствуваат врз основа на сопствени системи на верувања.
Таа додаде дека Израел ја променил својата доктрина оценувајќи ги заканите според нивниот капацитет, а не според претпоставените намери, при што посочи дека земјата моментно се соочува со повеќе активни фронтови.
Амбасадорката се осврна и на потребата од диверзификација на меѓународните партнерства, вклучително и соработка со Балканот, како и на предизвиците на т.н. медиумски фронт, кој, според неа, има директно влијание врз глобалната безбедност и јавната перцепција.
Професорот Александар Иванов од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола оцени дека безбедносните ризици за Северна Македонија се комплексни и тесно поврзани со регионалните и глобалните случувања.
Иванов посочи дека државата не може да се разгледува изолирано во однос на безбедноста нагласувајќи дека заканите се „во најмала рака регионални“, со оглед на тековните конфликти и растечките геополитички тензии.
Тој истакна дека покрај традиционалните ризици, се поизразени стануваат и хибридните закани, особено поврзани со дигиталниот простор и ширењето дезинформации.
Според Јованка Јакубек-Лавлик, вонреден професор по право на Универзитетот во Варшава, пристапувањето во Европската Унија треба да остане процес заснован на заслуги.
Во изјава дадена во рамките на безбедносниот форум Лавлик посочи дека проширувањето на ЕУ претставува двонасочен процес, при што Унијата обезбедува стабилност и можности за земјите кандидати, но и тие придонесуваат во справувањето со сложени геополитички предизвици.
Таа додаде дека и покрај сложената меѓународна ситуација и тековните конфликти, реформите не треба да запрат, посочувајќи дека Украина продолжува со трансформацијата на јавната администрација и покрај воените предизвици.
Според неа, развојот на одржливи реформи останува суштински услов за напредокот на земјите кон членство во Европската Унија.
Скопскиот безбедносен форум 2026 ги обедини водечките политички претставници, дипломати, експерти за безбедност и академската заедница во дискусија за клучните предизвици што го обликуваат регионот. Форумот се фокусира на регионалната стабилност, на новите безбедносни ризици – киберзакани, дезинформации, енергетска несигурност и влијанието на големите сили.
јуни 15, 2026

