Свет
Ердоган го гледа Израел како закана за Турција
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во денешното обраќање пред неговата исламско-конзервативна владејачка партија АКП изјави дека дејствијата на Израел во регионот се закана и за Турција, пренесе ДПА.
Нападите на Израел врз Либан и Сирија достигнаа размер што ја загрозува и нашата земја, рече Ердоган во Анкара.
Тој, исто така, го обвини Израел дека спроведува дестабилизирачка политика низ целиот регион, вклучително и во источниот Медитеран.
Ердоган и во минатото остро го критикуваше Израел и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, а односите меѓу двете земји се сметаат за затегнати, потсетува германската агенција.
И покрај прекинот на огнот Израел и натаму извршува секојдневни напади во Либан, каде уништувањето е огромно, а тоа особено се однесува на јужен Либан.
Израелската војска, исто така, продолжува со копнени операции во Сирија, особено на југот од земјата во близина на границата со Голанската Висорамнина, која е контролирана од Израел.
Израел ги оправдува своите дејствија со активностите и борбата против милицијата Хезболах, поддржана од Иран, и другите групи што ги класифицира како закана.
Нетанјаху, пак, од друга страна, смета дека Ердоган е „последната личност што може да држи морални лекции за Државата Израел“, обвинувајќи го турскиот претседател за поддршка на Хамас, угнетување на сопствениот народ и затворање на политичките соперници, потсетува ДПА.
Турција, како членка на НАТО и земја која некогаш имаше блиски врски со Израел, е жесток критичар на нападите на Израел врз Иран, Газа и Либан. Ердоган, исто така, го опиша Израел како закана „за човештвото“, пренесува ДПА.
јуни 11, 2026


