Вести
Савески: Времетраењето на истрагите не смее да биде обесхрабрувачки фактор за непријавување кривични дела
Времетраењето од пријавувањето до некоја јавнообвинителска одлука не смее да биде обесхрабрувачки фактор за да не се пријавува некое кривично дело – изјави државниот јавен обвинител Ненад Савески нагласувајќи дека е битно секогаш она што е нотирано, од граѓанин или од институција, да биде пријавено пред надлежното јавно обвинителство.
Одговарајќи на новинарски прашања по средбата со новоизбраната шефица на ОЈО ГОКК, Искра Хаџи Василева, и нејзиниот претходник Ислам Абази, Савески рече дека времетраењето од пријавувањето до јавнообвинителска одлука зависи од комплексноста на предметот.
– Сите истражни дејства што се преземаат не секогаш може бргу да бидат преземени или од она што е преземено бргу да дојдеме до доказен материјал – изјави Савески и уште еднаш ги повика сите граѓани и институции секогаш кога детектирале сторено кривично дело, да го пријават до надлежното јавно обвинителство.
Времетраењето на тие постапки, според Савески, воопшто не треба никого да го обесхрабрува, туку, напротив, секогаш да се чека исходот.
– Нема временски рамки во кои може да се детерминира дали за одредена кривична пријава би траело бргу. Битно е да се соберат квалитетни докази за да може Јавното обвинителство да донесе одлука во која ќе биде убеден и самиот јавен обвинител и кога ќе ја образложи таа јавнообвинителска одлука, да биде доволно убедителна и за јавноста, па вклучително и на оние на кои се однесува оваа одлука – изјави Савески.
Прашан за случајот за пожарот во „Пулс“, со оглед дека се навршува една година од овој предмет и нема изјава од Обвинителството, Савески рече дека тоа е последица на сензитивноста на овој предмет.
– Со овој предмет треба сите со должно внимание да се однесуваме со цел да не создаваме атмосфера со која кон семејствата на оштетените и повредените од овој кривичноправен настан би предизвикале секундарна виктимизација на оваа категорија граѓани – изјави Савески.
Во однос на нападите на обвинението, Савески рече дека сите тие напади се наводи што не се од процесен аспект, ниту суштествени ниту битни.
– Сè тоа што треба и одбраната и јавните обвинители да го користат во текот на постапката – тоа се сите оние процесни можности што се на располагање, од една страна, на јавниот обвинител, од друга, на одбраната. Сметам дека кршењето на копјата од двете страни треба да биде во судница, а не во јавноста. Сè тоа само придонесува да се создава една слика за состојбите во тој предмет, која сметам дека не е резултат на една објективност во судница – изјави Савески.
Прашан дали се постапува по кривичните пријави за случајот со Алта банка поднесени и од гувернерот Трајко Славески и од опозицијата, Савески рече дека јавноста ќе биде навремено информирана за сè она што е поврзано со овој случај од кривичноправен аспект кога би дошле до фаза во која би можело да се зборува за тој предмет.
– Сега за сега не можеме да зборуваме. Нè ограничува законот – изјави Савески.
Во однос на буџетот на Јавното обвинителство за 2027 година и дали тој ќе биде доволен, Савески рече дека работата на јавните обвинители е тесно поврзана и со условите во кои работат и со финансиските можности со кои располага оваа институција.
– Јас сум имал неколку средби со министерката за финансии зборувајќи за потребите и она што како финансиски план и потреба е за нас предвидено. Каков ќе биде исходот и дали со ребалансот тоа ќе биде во доволна мера задоволено, останува да видиме – рече Савески.
Во однос на Кривичниот законик и Законот за кривичната постапка, тој инфрмира дека се дадени на разгледување пред Венециската комисија и Европската комисија и оти се чека финалниот текст.
– Имаме наши претставници во работната група, која работи на Кривичниот законик, и она што сега е кодифицирано, целосно сметам дека е во доволна мера, нешто што ги задоволува стандардите што произлегуваат и од меѓународните правосудни органи – изјави Савески.
ноември 16, 2026


