Свет
Мексиканскиот наркобос Мигел Анхел Феликс Гаљардо почина на 80-годишна возраст
Мексиканскиот наркобос Мигел Анхел Феликс Гаљардо, кој многумина го сметаат за еден од најголемите трговци со дрога во историјата, почина во болница на 80-годишна возраст, објави денеска Би-би-си.
На Гаљардо му се припишува создавањето сојузи меѓу криминалните групи во Колумбија и неговиот сопствен мексикански картел.
Познат како „Кум“ или „Шеф на шефовите“, Феликс Гаљардо го предводеше картелот Гвадалахара, кој владееше со трговијата со дрога во Мексико на врвот на бумот со кокаин во 1980-тите.
Во тоа време, тој создаде нов начин на дејствување во нелегалната трговија со дрога што трае до денес.
Во државен притвор се наоѓа од 1989 година.
Името на Мигел Анхел Феликс Гаљардо ќе одекнува во историјата на трговијата со дрога посилно од кое било друго име, освен можеби името на Пабло Ескобар, истакнува Би-би-си.
Тој предводеше организација која ја револуционизираше трговијата со дрога во регионот преку партнерство со колумбиските картели, особено картелот Меделин на Ескобар, за да го комбинира производството во Андите со мексиканскиот транспорт преку границата до САД.
Во еден момент, околу 80 проценти од целиот кокаин што влегуваше во САД доаѓаше од картелот Меделин. Феликс Гаљардо и неговата организација играа клучна улога во тој шверц.
На врвот на својата моќ, картелот Гвадалахара под негово водство имаше огромно влијание врз мексиканската политика и полицијата, контролирајќи цели полициски мрежи и позициите на федералните државни гувернери.
ноември 16, 2026

