Свет
Партијата на центарот ѝ даде поддршка на шведската опозициска лидерка Магдалена Андершон за формирање влада
Шведската опозициска лидерка Магдалена Андершон ја доби клучната поддршка за формирање нова влада од Партијата на центарот, објави Шведското радио, иако е потребна уште работа за да се обезбеди доволен број гласови – објавија британските медиуми.
Централнолевичарскиот блок, предводен од лидерката на социјалдемократите Магдалена Андершон, на парламентарните избори во септември освои тесно мнозинство над централнодесничарската коалиција на досегашниот премиер, Улф Кристерсон, но досега не успеа да постигне договор за поделба на власта.
Партијата на центарот во петокот побара од политичките блокови на левицата и десницата да ги изложат своите планови за добивање на нивната поддршка, а синоќа соошти дека сака да продолжи соработката со социјалдемократите – под услов Андершон да успее да ја убеди Левичарската партија да се откаже од барањето за влез во владата.
„Партијата на центарот одлучи да го прифати предлогот на Андершон и сакаме да преговараме за последните детали“, изјави лидерката на Центарот Елизабет Танд Рингквист за Шведското радио.
Андершон предложи формирање влада заедно со Партијата на центарот и зелените, во кој случај ќе ѝ треба и поддршката од крајнолевичарската партија. Меѓутоа, оваа партија инсистира да биде дел од владата за да гласа за Андершон.
Партијата на центарот ја исклучи можноста за учество во владата заедно со крајнодесничарската партија Шведски демократи, како и со Левичарската партија, која се соочи со обвинувања за антисемитизам.
ноември 16, 2026


