Connect with us

Свет

Администрацијата на Трамп планира продажба на федерално земјиште на сојузните држави и локалните власти

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп планира да продаде дел од земјиштето во федерална сопственост на сојузните држави, племенските заедници и на локалните самоуправи, со цел да го намали обемот на имотот под контрола на федералната влада, се наведува во новиот петгодишен план на американското Министерство за внатрешни работи.

Претставници на Министерството изјавија дека продажбата на федералниот имот ќе ѝ овозможи на владата да ги насочи ресурсите кон земјиштето од „национално значење“. Сепак, не е прецизирано кои територии би можеле да бидат продадени, ниту колкав би бил обемот на продажбата и кои области би биле опфатени.

Планот предвидува и стратешки пренос и размена на земјиште со цел да се поттикне поголемо производство на енергија, што е еден од клучните приоритети на администрацијата на Трамп во поддршката на индустријата за фосилни горива.

Тој пристап го отсликува ставот на администрацијата дека поголемиот дел од земјиштето во јавна сопственост треба да се третира како ресурс што може да се искористува, наместо да се издвојува за заштита на природата.

Министерството за внатрешни работи управува со територија од над 1,9 милиони квадратни километри, површина поголема од Тексас и Калифорнија заедно, под која се наоѓаат огромни резерви на минерални суровини. Поради тоа, Министерството е во центарот на долгогодишната и жестока дебата за тоа дали федералната влада контролира премногу голема површина земјиште.

Ad
Ad