Свет
Зеленски се надева на конкретни резултати од преговорите за крај на војната до крајот на годината
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, изјави дека Киев се надева оти уште до крајот на оваа година ќе бидат постигнати конкретни резултати во преговорите за прекин на војната со Русија, но нагласи дека многу работи ќе зависат од пристапот на САД кон Москва.
„Соочени сме со масовни напади. Се разбира, сакаме да постигнеме резултати до крајот на оваа година и ќе направиме сè што е можно тоа да се случи“, рече Зеленски на прес-конференција во Даблин, по дводневните трилатерални преговори меѓу Украина, Русија и САД во Абу Даби.
Тој истакна дека многу ќе зависи од „подготвеноста на американската страна да изврши или да не изврши притисок врз Русија“.
„Тоа зависи од формата на нивниот дијалог со Русите“, додаде Зеленски.
Украинскиот претседател претходно пристигна во Даблин, каде што утре ќе учествува на Самитот на Европската политичка заедница (ЕПО).
За време на престојот во ирската престолнина, Зеленски треба да се сретне и со американските пратеници Џаред Кушнер и Стив Виткоф, кои денеска ќе се сретнат со рускиот претседател Владимир Путин во Москва.
По преговорите во Абу Даби, Кушнер изјави дека меѓу Украина и Русија нема доверба, но разговорите ги оцени како „добар прв чекор“.
Украинскиот претставник, Давид Арахамија, посочи дека разговорите биле тешки бидејќи руската делегација пристигнала со „строги директиви“, но сепак бил постигнат „добар напредок“ кон изнаоѓање решение пред крајот на годината.
Шефот на руската преговарачка делегација, Владимир Медински, изјави дека, според него, мировниот договор е поблиску по одржаните разговори, но додаде дека многу ќе зависат од Украина и од ставот на САД.
ноември 12, 2026


