Архива
Пијанист паднал од брод и преживеал девет часа во морето
Пијанист кој паднал од туритички крстосувач на компанијата „Ројал Карибијан“ (Royal Caribbean) во Тихиот Океан, е спасен во петокот откако минал околу девет часа во водата. Американските власти соопштија дека тој бил пронајден на околу 32 километри од брегот на Калифорнија. Како што пренесува „Си-би-ес“ (CBS), двајца рибари по име Грант Герет и Шон Нортон го забележале исчезнатиот маж во морето, во близина на островот Каталина, додека се враќале од риболов.
Откако го запрел својот брод, Герет раскажува, дека успеале да го извлечат човекот од океанот и да го качат на своето пловило. Според нив, човекот бил во состојба на шок.
Подоцна, преживеаниот објаснил дека работи како пијанист на „Овејшн оф д сиз“ (Ovation of the Seas) – крстосувач со 14 палуби, управуван од „Ројал Карибијан“.
Службите за спасување проценуваат дека пијанистот паднал во океанот околу 02:30 часот по полноќ, односно околу девет часа пред рибарите да го пронајдат. Неговиот идентитет сè уште не е објавен; по спасувањето, преживеаниот е пренесен в болница. Американската крајбрежна стража извцести дека се очекува тој целосно да закрепне.
ноември 9, 2026

