Вести
Чепреганов за последниот состанок на Македонско-бугарската комисија: Молчењето, заедничкото чествување и замката на „заедничката историја“
На 5 и 6 ноември 2026 година во Скопје се одржа петтиот состанок на Мешовитата мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија. За она што се случувало на состанокот, македонската јавност повторно дознава пред сè од бугарските новински агенции на пример БТА. Македонските претставници во Комисијата, како и во претходните случаи, не излегоа со транспарентно и сеопфатно информирање за текот на разговорите и постигнатите или непостигнатите резултати. Транспарентност на ниво?!
Според медиумските информации, бугарската страна предложила „заедничко одбележување“ на годишнината од смртта на Даме Груев, на што македонските претставници одговориле со молчење. Од друга страна, македонската делегација предложила „заедничко одбележување“ на отпорот против антисемитизмот, фашизмот и националсоцијализмот, предлог што бугарската страна го одбила.
На прв поглед, можеби станува збор за уште една неуспешна средба на Комисијата. Но, ако се погледне суштината на двата предлога, станува јасно дека проблемот е многу подлабок. Тој не се однесува само на различното толкување на историските личности и настани, туку и на самото разбирање на историјата, колективната меморија и политичката улога на историското паметење во македонско-бугарските односи.
МОЛЧЕЊЕТО КАКО ОДГОВОР ИЛИ КАКО ОТСУСТВО НА СТАВ?
Што значи молчењето на македонските претставници на предлогот за заедничко чествување на Даме Груев?
Можно е тоа да било дипломатска тактика. Прифаќањето на предлогот би можело да се протолкува како согласност со бугарската историска интерпретација, додека неговото отфрлање би можело да се претстави како неподготвеност за соработка и добрососедство. Молчењето, во такви околности, ја остава отворена позицијата и не создава непосредна обврска.
Но, дали тоа е доволно?
Даме Груев (1871–1906) не е само име во календарот на историските годишнини. Тој е една од централните личности на Македонската револуционерна организација и неговото дело е неразделно од македонското револуционерно движење и националното прашање во османлиска Македонија. Затоа, пред да се разговара за „заедничко чествување“, неопходно е да се одговори што точно се чествува, во која историска рамка се поставува неговото дело и каква порака се испраќа до јавноста.
„Заедничкото чествување“ не е неутрален протоколарен чин. Тоа може да подразбира и определена согласност за историското значење на личноста, нејзината припадност и местото што ѝ се дава во националните историографии. Токму тука се наоѓа опасноста: чествувањето постепено да се претвори во механизам за прифаќање на однапред поставена историска интерпретација.
Сепак, молчењето не е историски став. Тоа е отсуство на јавно артикулиран став. Македонската јавност има право да знае дали станувало збор за свесно одбивање, неподготвеност за одговор или за однапред договорена тактика. Не може да се очекува доверба во работата на една комисија ако нејзините резултати и аргументи остануваат недостапни за јавноста.
АНТИФАШИЗМОТ КАКО НЕПРИФАТЛИВА ЗАЕДНИЧКА ТЕМА?
Особено индикативна е асиметријата меѓу двата предлога. Македонската страна предложила заедничко одбележување на отпорот против антисемитизмот, фашизмот и националсоцијализмот. Бугарските претставници го одбиле предлогот со образложение дека овој отпор се одбележува низ цела Европа и не треба да биде ограничен на билатерална иницијатива.
Ова образложение отвора сериозно прашање. Ако „заедничкото чествување“ на Даме Груев може да биде билатерална иницијатива, зошто „заедничкото чествување“ на антифашистичкиот отпор не може да биде истото?
Уште повеќе, предложената тема не е само отпорот против фашизмот и националсоцијализмот, туку и отпорот против антисемитизмот. А токму тука историјата на Втората светска војна ја отвора една од најтешките страници во односите меѓу Македонија и Бугарија.
На 1 март 1941 година Бугарија се приклучила кон Тројниот пакт, а во април истата година нејзината војска и администрација ја презеле управата над најголемиот дел од Вардарска Македонија. Бугарската држава донела и спроведувала антисемитско законодавство, вклучувајќи го „Законот за заштита на нацијата“. Во март 1943 година, бугарските окупациски власти ја организирале депортацијата на Евреите од Македонија. Од Скопскиот монопол биле депортирани 7.144 Евреи, а вкупно 11.343 Евреи од Македонија, Тракија и Пирот биле испратени и убиени во Треблинка, во окупирана Полска од нацистичка Германија. Нацифашистичка Бугарија e соучесник во едно од најголемите злосторства во историјата на човештвото.
Овие факти не можат да бидат предмет на политичко релативизирање и усогласување. Тие бараат историска одговорност и јасно именување на институциите и структурите што учествувале во злосторството.
Историската објективност, се разбира, бара да се спомене и дека околу 50.000 Евреи од предвоената територија на Бугарија не биле депортирани во логорите на смртта, благодарение на отпорот на дел од бугарското општество, пратеници, интелектуалци и претставници на православната црква. Но, спасувањето на Евреите во предвоените граници на Бугарија не ја брише одговорноста на бугарската држава за депортацијата на Евреите од окупираните територии.
Тука мора да се направи јасна разлика меѓу одговорноста на државата, нејзините институции и влада и постапките на поединци и групи во бугарското општество кои се спротивставувале на антисемитизмот и депортациите.
Затоа, одбивањето на бугарската страна да разговара за заедничко чествување на антифашистичкиот и антисемитскиот отпор е особено проблематично. Не може да се повикуваме на европските вредности и антифашистичката традиција, а истовремено да избегнуваме соочување со конкретните историски одговорности.
МОЖЕ ЛИ ДА ИМА ЗАЕДНИЧКО ПАМЕТЕЊЕ БЕЗ ИСТОРИСКА ОДГОВОРНОСТ?
Предлогот на македонската страна, сам по себе, отвора можност за сериозна историска расправа. Но, заедничкото чествување на отпорот против фашизмот и антисемитизмот не може да биде само церемонијален чин. Тоа мора да се заснова врз согласност за основните историски факти, за жртвите и за одговорноста.
Не станува збор за барање колективна вина од бугарскиот народ, туку за соочување со историската одговорност на бугарската држава во периодот 1941–1944 година. Тоа подразбира признавање на Холокаустот на македонските Евреи, јасно именување на улогата на окупациската администрација, полиција и војска и соодветно историско и морално извинување за сторените злосторства.
Истовремено, мора да се признае и македонскиот антифашистички отпор, неговиот автентичен карактер и неговата поврзаност со борбата за национално и социјално ослободување на македонскиот народ. Народноослободителното движење во Македонија не може да се претставува како продолжение на некаква „заедничка бугарска национална борба“. Тоа се развивало во услови на бугарска окупација и во борба против окупаторската власт, меѓу другото и против институциите и силите на бугарската држава во Македонија.
Без вакво историско соочување, „заедничкото чествување“ би ризикувало да се претвори во церемонија на селективно паметење.
ЗАМКАТА НА „ЗАЕДНИЧКАТА ИСТОРИЈА“
Од самото формирање на Мешовитата комисија имам сериозни резерви кон нејзиното формирање и концепт, а особено кон употребата на терминот „заедничка историја“.
Можеме да зборуваме за заеднички историски простори, за меѓусебни влијанија, за испреплетени процеси, за личности и настани што имаат значење за историјата на повеќе народи. Но, тоа не значи дека постои една заедничка национална историја, ниту дека две различни национални историографии треба да бидат сведени на една договорена интерпретација.
Секој народ има своја колективна меморија, свои историски искуства, извори и традиции. Тие можат да се споредуваат, критички да се преиспитуваат и научно да се анализираат. Но, не можат да се укинуваат или политички да се усогласуваат со одлука на една меѓудржавна комисија.
Прашањето е уште посериозно ако се има предвид дека Комисијата веќе постигна согласност за „заедничко чествување“ на светите браќа Кирил и Методиј, свети Климент и свети Наум Охридски и цар Самуил. Дали со тоа веќе се создава модел за понатамошно проширување на листата на личности што ќе бидат предмет на „заедничко чествување“? Дали следниот чекор ќе бидат Даме Груев и други личности од македонското националноослободително движење? И, уште поважно, што ќе значи тоа за македонскиот образовен систем? Дали договорот за „заедничко чествување“ ќе повлече и обврска за „заедничко толкување“ на националната припадност на историските личности? Дали македонските учебници ќе треба да ги прифатат интерпретациите што произлегуваат од бугарската национална историографија?
Тука е суштинската опасност: постепеното претворање на една експертска комисија од научно-истражувачко тело во механизам за политичко усогласување на националните историографии.
„Заедничкото чествување“ не е автоматски прифаќање на „заедничка историја“. Но, кога чествувањето е поврзано со договорени формулации, образовни препораки и меѓудржавни обврски, тогаш неговите политички последици не можат да се занемарат.
ИСТОРИЈАТА НЕ СЕ ПИШУВА СО ДИПЛОМАТСКИ КОМПРОМИСИ
Треба јасно да се разликуваат историската соработка и историографското усогласување. Местото за разговор и научно соочување на различните толкувања се научните конференции, симпозиуми, тркалезни маси и истражувачки проекти, каде што историчарите ќе ги изложуваат аргументите, ќе ги споредуваат изворите и ќе ги преиспитуваат сопствените тези.
Историјата не е сопственост на комисиите, ниту предмет на дипломатска размена. Таа е научно истражување, критичко преиспитување и колективна меморија. А кога ќе се обидеме да ја претвориме во инструмент на политичко договарање, тогаш ризикуваме да создадеме нова историска неправда. Затоа, историската комисија не смее да биде инструмент за создавање политички договорена меморија. Нејзината задача треба да биде поттикнување на научен дијалог, а не создавање една официјална верзија на минатото.
Интеграцијата во било која организација, па ни во Европската Унија не треба да наметнува откажување на народите од сопствената историска меморија, идентитет, јазик и култура.
Ова е особено важно во контекст на европската интеграција на Македонија. Европскиот пат не треба да подразбира прифаќање на историски формулации како политичка цена за напредокот кон Европската Унија. Почитувањето на историските факти, научните методи и добрососедството се европски вредности. Но, наметнувањето или политичкото усогласување на националните историографии не е европска вредност.
Македонската страна мора да покаже дека има јасна позиција. Молчењето не е стратегија, а отсуството на транспарентност само ги зголемува сомнежите во јавноста. Ако предлогот за Даме Груев не е прифатлив, треба да се објасни зошто. Ако предлогот за „заедничко чествување“ на антифашистичкиот отпор е принципиелен, тогаш треба да се инсистира на историска одговорност и почитување на фактите.
На крајот, прашањето не е дали Македонија треба да соработува со Бугарија на научно поле. Секако дека треба. Прашањето е дали таа соработка ќе се темели врз научен дијалог и заемно почитување или врз политички договори за толкување на минатото.
ноември 9, 2026


