Регион
„SafeJournalists“: Албанската полиција не смее да ги попречува новинарите што известуваат од протести
Регионалната мрежа за безбедност на новинарите „SafeJournalists“ изрази сериозна загриженост поради наводите дека припадници на албанската полиција ги попречувале медиумските екипи што известувале од вчерашниот протест пред Парламентот на Албанија во Тирана.
Протестот се одржуваше додека Парламентот расправаше за територијалната реформа. Полицијата со кордони и метални огради ги затвори улиците што водат кон Парламентот, а според медиумските извештаи биле ангажирани околу 1.200 полицајци.
Како што се посочува во соопштението од „SafeJournalists“, тензиите ескалирале кога демонстрантите почнале да го потиснуваат полицискиот кордон и да ги отстрануваат оградите, при што кон полицајците биле фрлани јајца и пиротехнички средства.
Полицијата одговорила со употреба на бибер-спреј и солзавец, при што неколку лица биле повредени.
Новинарите кои известувале од протестот јасно се разликувале како медиумски работници по новинарските легитимации и камерите, а повеќепати им нагласиле на полицајците дека се претставници на медиумите. Покрај попречувањето во работата, некои новинари биле изложени и на дејството на бибер-спрејот и солзавецот додека известувале од протестот.
„Токму во такви моменти јавноста има најголема потреба од новинари на терен. Безбедносниот кордон не смее да стане средство за оддалечување на камерите од настаните што јавноста има право да ги види, вклучително и постапувањето на полицијата“, се наведува во соопштението.
Мрежата посочила дека овие наводи не се изолиран случај. Во изминатите три недели реагирала и на повторното приведување на новинарката Вјоланда Пеце, додека известувала од протест пред Парламентот, како и на наводите дека полицајци во Драч ѝ го одзеле телефонот на новинарката Албана Алиај, и ги избришале нејзините снимки.
октомври 10, 2026


