Connect with us

Регион

Во Солун пуштен во употреба парк со батериски системи за складирање енергија

Нов батериски парк, односно батериски системи за складирање енергија, прв на грчката компанија „Хеленик Енерџи“ (HELLENiQ ENERGY), со моќност од 100 мегавати и капацитет од 200 мегават-часови, беше пуштен во употреба во Солун, јави дописничката на МИА од Атина.

Од „Хеленик Енерџи“ соопштија дека инвестицијата во батерискиот парк е околу 50 милиони евра, а грчката компанија го проширува своето портфолио и освен производство на електрична енергија од обновливи извори, инвестира во критичната инфраструктура која овозможува поефикасно искористување на произведената зелена енергија.

Новиот парк, според компанијата, е еден од најголемите реализирани проекти за складирање електрична енергија во Грција и Југоисточна Европа.

– Еден значителен дел од енергијата произведена од обновливи извори се губи кога моменталната потрошувачка е помала од производството. Со овој нов проект, веќе може да се искористи поголем дел од зелената енергија, што се складира во батериите и се користи во периодите кога е најпотребна. Резултат на тоа е поддршка на ефикасноста на електроенергетскиот систем, ограничување на прекините на производството од обновливите извори на енергија, а се создава неопходниот „електричен простор“ за приклучување на нови капацитети од обновливи извори во националниот систем, соопштија од компанијата.

Проектот за складирање ќе реализира најмалку еден целосен циклус на полнење и празнење секој ден, складирајќи повеќе од 200 мегават-часови електрична енергија, количина што одговара на целосно полнење на околу 3.000 електрични автомобили секој ден.

Паркот со батериските системи е на површина од околу 10 хектари во Солун, вклучува три станици за складирање, со вкупна моќност од 100 мегавати и вкупен капацитет од 200 мегават-часови, како и целокупната потребна инфраструктура за поврзување со Националниот електроенергетски преносен систем.

Во следниот период, „Хеленик Енерџи“ се очекува да ја заврши изградбата и на вториот ваков проект за складирање на енергија што ќе биде во Лерин, ќе биде со моќност од 50 мегавати и капацитет од 200 мегават-часови.

Заменик-извршниот директор на „Хеленик Енерџи“ (HELLENiQ ENERGY), Георгиос Алексопулос, посочи дека складирањето на зелена енергија претставува клучна инфраструктура, бидејќи овозможува подобро искористување на производството од обновливи извори на енергија, ја зголемува сигурноста на електроенергетскиот систем и создава услови за поголема енергетска безбедност и пристап до одржлива и достапна енергија за сите.

– Портфолиото на проекти за обновливи извори на енергија и складирање енергија на „Хеленик Енерџи“, што се во фаза на развој, надминува шест гигавати моќност, од кои над еден гигават се однесува на проекти за складирање енергија во Грција, Романија, Кипар и Бугарија. Стратешка цел на „Хеленик Енерџи“ е да бидат во функција проекти од обновливи извори на енергија со моќност од 1,5 гигавати до 2028 година и над два гигавати до 2030 година, со балансирано присуство во фотоволтаици, ветерни електроцентрали и системи за складирање енергија во Грција и Југоисточна Европа, посочи заменик-извршниот директор на компанијата.

Ad
Ad