Connect with us

Свет

Летонија речиси целосно го ограничува емитувањето содржини на руски јазик на јавните сервиси

Парламентот на Летонија усвои нови правила со кои речиси целосно се ограничуваат околностите во кои јавните радиодифузери можат да произведуваат и емитуваат содржини на руски јазик. Според новите правила, јавните сервиси „Летонска телевизија“ и „Летонско радио“ главно ќе емитуваат содржини на летонски јазик, додека емитувањето на руски јазик ќе биде можно само во итни случаи, за време на вонредна состојба или кога тоа е неопходно за борба против дезинформации што ги загрозуваат летонската демократија и држава.

Како што пренесува бриселскиот портал „ЕУалајв“ (EUalive), усвоените измени треба да ги потврди претседателот, а се очекува да стапат во сила на 1 јануари следната година.

Во такви исклучителни случаи, новото законодавство бара од јавните медиуми да го применуваат принципот на сразмерност и да ги земат предвид интензитетот и природата на заканата за националната безбедност. Информативната платформа LSM во вонредни ситуации сама ќе одлучува дали содржините на руски јазик се неопходни и во кој обем, притоа водејќи сметка за сразмерноста.

Медиумскиот регулатор му наложил на LSM до 1 декември да подготви план за спроведување на новите правила во 2027 година, а тоа барање го поврзал со поголемата изложеност на публиката што зборува руски јазик на пропагандата и дезинформациите на Кремљ.

Летонските јавни сервиси во моментов не емитуваат редовни телевизиски и радиопрограми на руски јазик. Сепак, нивната информативна платформа LSM.lv нуди содржини на летонски, како и на англиски, украински и руски јазик. LSM има и канал на Јутјуб на руски јазик, а неговата новооснована регионална редакција во Латгале ги препозна жителите што зборуваат руски како една од целните групи и за нив од почетокот на годинава произведува посебно креирани содржини.

Новите правила се усвоени по одлуката на Уставниот суд дека главните содржини на летонските медиуми треба да бидат на летонски јазик. Судот оцени дека рускиот јазик е доволно застапен во медиумското опкружување во Летонија и дека државата затоа нема обврска да обезбедува содржини на тој јазик, како што прави за малцинските јазици кои не се толку застапени.

Законодавството и понатаму дозволува употреба на елементи на странски јазик во филмови, телевизиски серии и театарски претстави на летонски јазик кога тие се дел од уметничкиот израз.

Летонија има 1,85 милиони жители, од кои една четвртина се етнички Руси. Жителите што зборуваат руски се концентрирани во Рига и во регионот Латгале, во источниот дел на земјата.