Регион
Мицотакис бара од претседателката на ЕК дополнителна вонредна флексибилност за земјите членки во справувањето со актуелната криза
Време е за заеднички и смели потези, покрај општите повици, како оние што досега ги слушнавме од Европската комисија, за ограничување на потрошувачката на енергија – посочи грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на денешната владина седница соопштувајќи дека испратил писмо до претседателката на Европската комисија, доставено и до претседателот на Еврогрупата, преку кое бара да се разгледаат опциите „за земјите членки да добијат дополнителна, вонредна флексибилност во време на актуелната криза“ – јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис рече дека геополитичката неизвесност носи меѓународна економска и енергетска нестабилност, а резултатот е автоматско зголемување и на трошоците за транспорт, на суровините, но и на цените на производите што завршуваат на полиците во супермаркетите, односно, како што рече, станува збор за верижна криза што тропа на вратата на сите држави „суштински тестирајќи ги границите на нивните можности за дејствување“.
Затоа, додаде дека политиките на владата се основаат на три неприкосновени цели, а едната од нив е европската димензија или, како што истакна, „секоја поширока иницијатива треба да има и европски печат“.
На национално ниво, соопшти дека субвенцијата за дизелот во следните 15 дена се зголемува од 10 на 15 центи за литар, со што, заедно со попустот од рафинериите, вкупното намалување на цената ќе достигне 20 центи за литар, а во пресрет на грејната сезона, која почнува на 15 октомври, цената на нафтата за греење ќе биде под 1,75 евро за литар, но висината на конечната субвенцијата, која ќе биде комбинација на субвенција од владата и рафинериите, ќе биде дополнително објавена и најави и зголемување на додатокот за греење.
– Првата цел е да го поддржиме општеството, но без притоа да ја загрозиме отпорноста на економијата. Последното што би ни требало е национална криза во услови на глобална криза. Затоа, во никој случај нема да го ризикуваме сето она што го постигнавме во изминатите години ниту, пак, ќе ја доведеме во опасност меѓународната доверба, која многу тешко се гради, но и многу лесно може се губи – порача Мицотакис и додаде дека во координација со Министерството за финансии, но и со надлежните министерства, владините мерки и интервенции ќе се разгледуваат на секои 15 дена.
На денешната владина седница соопшти и дека во парламентот ќе биде доставена законската регулатива со која се утврдува возрасната граница од 15 години за пристап на децата и тинејџерите до социјалните мрежи.
– Имаме должност да ги заштитиме нашите деца од зависни однесувања, кои практично ги држат постојано залепени за екранот на мобилниот телефон. Ова е иницијатива за која ќе настојуваме да постигнеме поширок договор меѓу политичките партии бидејќи напорите за заштита на менталното здравје на нашите деца и обезбедувањето повеќе квалитетно време подалеку од екраните сметам дека се наша заедничка обврска – порача Мицотакис.
октомври 1, 2026
