Општини
Камерите од „Безбеден град“ го намалуваат бројот на сообраќајни незгоди во Куманово
Камерите од системот „Безбеден град“ ги менуваат навиките на возачите во Куманово, потврдуваат податоците од СВР Куманово. Бројот на сообраќајни незгоди е намален за 25 проценти во првите шест месеци годинава во споредба со истиот период лани. Полицијата најавува проширување на системот со поставување камери на уште три локации во градот. Командирот на Полициската станица од општа надлежност Куманово, Томислав Додевски, на седница на Советот на Општина Куманово информираше дека постојните камери не ги опфаќаат сите локации на кои е потребен надзор.
-По барање на граѓаните на Куманово, но и според нашите согледувања, моментално поставените камери од „Безбеден град“ не се доволни. Опфатени се булеварот „Октомвриска револуција“ и локалитетот „Табакана“, а имам информација дека уште на три локации ќе се поставуваат камери во најбрз можен рок, изјави Додевски.
Според податоците што ги соопшти полицијата, во првите шест месеци од годинава во Куманово биле регистрирани 154 сообраќајни незгоди, додека во истиот период минатата година имало 206. Намалувањето на бројот на незгоди се совпаѓа со воведувањето на системот за видео надзор, кој има за цел да придонесе за почитување на сообраќајните правила и зголемување на безбедноста на патиштата. Надлежните сметаат дека со проширувањето на системот со нови камери ќе се овозможи надзор и на други сообраќајници во градот.
септември 29, 2026
