Свет
Партијата АфД не успеа да освои градоначалничко место во германската покраина Долна Саксонија
Крајнодесничарската Алтернатива за Германија (АфД) вчера во вториот круг од локалните избори не успеа да освои ниту едно градоначалничко место во северозападната германска покраина Долна Саксонија.
Во покраината со 8,1 милион жители вчера на 123 места се одржуваа втор круг од изборите за градоначалници и началници на општини во местата каде што пред две недели ниту еден кандидат не освои повеќе од 50 отсто од гласовите.
АфД имаше можност да ја освои својата прва раководна функција на локално ниво во Долна Саксонија во три града, но нејзините кандидати беа поразени.
Во Салцгитер, актуелниот градоначалник Франк Клингебил од конзервативната Христијанско-демократска унија (ЦДУ) на канцеларот Фридрих Мерц освои нов мандат со 74,7 отсто од гласовите, победувајќи ја кандидатката на АфД, Патриција Маир, која освои 25,3 отсто.
Клингебил во овој град со околу 100 сто илјади жители и по првиот круг пред две недели беше во водство со 45,6 отсто од гласовите, наспроти 25,7 отсто за Маир.
Во Минстер во округот Хајдекрајс, победи независната кандидатка Ана Адамчак со 80,5 отсто од гласовите. Кандидатот на АфД, Кристоф Вејнанд, освои 19,5 отсто во градот со 15 илјади жители.
Во Бокенем, во близина на Хилдесхајм, независниот кандидат Јенс Леер победи со 69,6 отсто од гласовите, пред кандидатот на АфД, Феликс Мул, кој освои 30,4 отсто.
Во главниот град на покраината, Хановер, градоначалникот Белит Онај од партијата Зелените во вториот круг со 61,5 отсто од гласовите го победи Аксел фон дер Ое од Социјалдемократската партија (СПД), кој освои 38,5 отсто.
Регионот Хановер ќе го предводи Ева Бендер од СПД која освои 69,4 отсто од гласовите, победувајќи го Оливер Јунк од ЦДУ, кој освои 30,6 отсто, покажуваат прелиминарните резултати.
На ниво на целата покраина, на изборите пред две недели победи ЦДУ со 27,2 отсто од гласовите, пред СПД со 24,6 и АфД со 15,9 отсто.
Изборите беа тест за поддршката на Алтернатива за Германија во западниот дел на земјата, откако на почетокот на септември во источната покраина Саксонија-Анхалт освои речиси 44 отсто од гласовите.
Иако заврши зад ЦДУ и СПД, АфД на изборите во Долна Саксонија ја зголеми поддршката од 4,6 на 16,5 отсто. Следните парламентарни избори во Германија мора да се одржат до февруари 2029 година.
септември 28, 2026
