Култура
Јубилеи од македонски филмови во октомвриската програма на Кинотеката
Октомвриската програма на Кинотеката на Македонија ќе опфати македонски филмови кои оваа година одбележуваат јубилеи од премиерите и кои оставиле белег во историјата на македонската кинематографија.
Како што соопшти Кинотеката, октомври ќе биде „своеобразен филмски архив, во кој минатото не стои неподвижно“ и секој од јубилејните филмови „носи трага од своето време, но со секое ново гледање добива и ново значење“.
Во октомври ќе бидат прикажани јубилејните филмови: „Солунските атентатори“ на Живорад Жика Митровиќ (65 години) и неговиот филм „До победата и неа“ (60 години); „Македонски дел од пеколот“ на Ватрослав Мимица и „Црно семе“ на Кирил Ценевски (55 години); „Најдолгиот пат“ на Бранко Гапо (50 години); филмовите на Столе Попов – „Црвениот коњ“ (45 години) и „Среќна нова ’49“ (40 години); „Самоуништување“ на Ербил Алтанеј (30 години); „Прашина“ на Милчо Манчевски и „Одмазда“ на Јан Хинтенс (25 години); „Ова не е американски филм“ на Сашо Павловски и „Панкот не е мртов“ на Владимир Блажевски (15 години); „Ослободувањето на Скопје“ на Раде и Данило Шербеџија, „Златна петорка“ на Горан Тренчовски и „Џган“ на Вардан Тозија (10 години).
-Посебен омаж е посветен на Атанас Ацо Петровски, еден од пионерите на македонската кинематографија и прв директор на Кинотеката на Македонија. По повод 25 години од неговата смрт, програмата ги враќа неговите документарни филмови „Велигденски обичаи“ (1954), „Галичка свадба“ (1955) и „Дервиши“ (1955) – дела особено значајни затоа што камерата ја претвора традицијата во документ, а обичаите во визуелно сведоштво. По повод 80 години од раѓањето на Метo Јовановски и 35 години од „Тетовирање“, на програмата е и овој култен филм на Столе Попов. На самиот крај на месецот, 65 години од „Мирно лето“ и 20 години од смртта на Димитрие Османли претставуваат можност да се потсетиме на едно од темелните дела на македонската кинематографија. Како прв македонски игран филм во жанрот на комедијата и прв македонски долгометражен филм режиран од македонски автор, „Мирно лето“ има посебно место во историјата на домашниот филм. Ќе биде прикажан и „Како лош сон“ (2003) на Антонио Митриќески, филм што отвора сложен дијалог меѓу Балканот и Европа, меѓу сопствената слика и сликата што Другиот ја создава за нас, наведува Кинотеката.
Покрај јубилеите од македонски филмови, октомвриската кинотечна програма е дополнета и со Денови на кинескиот филм, швајцарски, француски и германски филмски програми.
септември 25, 2026
