Connect with us

Фудбал

Омерагиќ на состанок со претставниците на прволигашите

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ денес одржа работен состанок со претставниците на раководствата на клубовите од Првата лига. На состанокот присуствуваше и комесарот за натпреварување, а клубовите имаа можност директно да ги отворат сите прашања, предлози и теми за кои сметаат дека се од значење за развојот на македонскиот фудбал.

Омерагиќ ги информираше претставниците на прволигашите дека, за првпат по повеќе децении, клубовите од највисокиот ранг ќе имаат свои претставници,  делегати во Собранието на ФФМ. Со тоа, клубовите директно ќе можат да учествуваат во работата на највисокото тело на Федерацијата и да придонесуваат со свои предлози, идеи, критики и иницијативи.

Досега, преку општинските фудбалски сојузи, прволигашките клубови немаа директно влијание во работата на Собранието на ФФМ. Одлуката беше поздравена од страна на клубовите, кои ја оценија како значаен чекор за поголема вклученост и унапредување на клупскиот фудбал.

– Јас не се кријам зад Федерацијата, а не треба ниту клубовите да се кријат зад соопштенија. Се што сметаат дека треба да се подобри, сите предлози и идеи, можат директно преку органите на Федерацијата да ги предложат и достават. Само преку отворена комуникација можеме да дојдеме до решенија, истакна Омерагиќ на состанокот.

Посебно внимание беше посветено и на инфраструктурата и условите за одигрување на натпреварите. ФФМ ја истакна подготвеноста, заедно со општините и сопствениците на клубовите, да учествува во подобрувањето на инфраструктурните услови, но преку заеднички проекти и инвестиции.

На клубовите им беше дадена можност самите да ги определат приоритетите, дали тоа ќе биде изградба или подобрување на терените, поставување рефлекторско осветлување или друг инфраструктурен проект.

Приоритет на актуелното раководство на ФФМ остануваат Првата лига и младинскиот фудбал. Во исто време, беше потенцирано дека клубовите, како акционерски друштва, имаат сопствена одговорност за создавање соодветни услови на стадионите.

– Потребна е коректна и партнерска релација меѓу Федерацијата и клубовите. Ние како ФФМ ќе направиме се што е во наша можност и што сметаме дека е потребно за да го подигнеме нивото на натпреварувањето“, беше порачано на состанокот.

Претставниците на клубовите изразија задоволство од одржаниот состанок и ја поздравија идејата ваквите средби да станат редовна практика. Покрај одредени оперативни забелешки поврзани со приемот и пристапот на тимовите на стадионите, кои произлегуваат од ограничените можности на дел од објектите, клубовите немаа дополнителни забелешки во однос на организацијата на натпреварувањето.