Connect with us

Култура

МНТ: Премиерата на „Три сестри“ со превод на англиски јазик, театарот се отвора кон меѓународната публика

Македонскиот народен театар новата сезона 2026/2027 ќе ја почне со премиера на претставата „Три сестри“, според драмата на А. П. Чехов, во режија на Нела Витошевиќ, која ќе се одржи на 25 септември. Новата сезона во МНТ носи важна новина за публиката – воведување превод на англиски јазик за дел од претставите во однапред определени термини. На тој начин театарот станува уште подостапен за странската публика и за сите љубители на уметноста што не го разбираат македонскиот јазик овозможувајќи им целосно да ја доживеат сценската изведба – велат од МНТ. 

Премиерата на „Три сестри“ ќе биде првата претстава изведена со превод на англиски јазик – чекор што, според МНТ, ја потврдува определбата на театарот кон поголема отвореност и доближување на македонската театарска продукција до пошироката меѓународна публика.

– Новата сценска адаптација, по текст на Васил Христов и Нела Витошевиќ, а во драматургија на Викторија Рангелова-Петровска, претставува современо читање на едно од најзначајните дела на светската драмска литература. Во претставата настапуваат: Дарја Ризова – Ирина, Наталија Теодосиева – Маша, Верица Недеска – Олга, Дамјан Цветановски – Андреј, Благој Веселинов – Александар, Емил Рубен – Иван, Ивица Димитријевиќ – Игор, Нина Деан – Наташа и Антонио Ташковски – Никола – информираат од МНТ.

Креативниот тим го сочинуваат сценографот Игор Васиљев, костимографката Роза Трајческа, композиторот Огнен Анастасовски и извршните продуценти Симона Угриновска и Виктор Рубен