Свет
Висок украински дипломат обвинет за нова милионска проневера на странски донации
Националното биро за борба против корупцијата на Украина (НАБУ) објави дека подигнало обвинение против поранешниот висок функционер на Министерството за надворешни работи, Олександр Банков, за проневера на 37 милиони гривни (околу 1,28 милиони долари) од странски донации наменети за поддршка на Украина.
Според истражителите, парите потоа биле перени со помош на неговите наводни соработници.
НАБУ ги обвини Банков, кој беше државен секретар на украинското Министерство за надворешни работи од 2020 до 2024 година, како и поранешниот шеф на неговата канцеларија, кој сега работи како дипломат.
Банков беше и украински амбасадор во Романија од 2017 до 2020 година. Според соопштението за медиумите на НАБУ, меѓу осомничените се и помошник на поранешниот министер за надворешни работи, шеф на невладина организација и сметководител на организацијата.
„Членовите на групата ги присвоиле средствата што странските државјани и другите донатори ги платиле за да ѝ помогнат на Украина на почетокот на руската инвазија и ги переле парите преку центри за конверзија на валути“, објави НАБУ.
Според истрагата, тогашниот државен секретар на Министерството за надворешни работи ги убедил меѓународните донатори и вработените во украинските дипломатски мисии во странство да ја насочат финансиската помош на сметката на невладина организација што ја контролирал.
НАБУ наведува дека според законот, средствата што ги добила таа организација биле наменски буџетски средства на посебен фонд на украинското Министерство за надворешни работи.
Парите потоа биле префрлени на сметките на трговците и компаниите контролирани од осомничената група, по што биле повлечени во готово преку мрежата за перење пари. „Членовите на групата ги користеле перените пари за лично богатење“, нагласи НАБУ.
Министерството за надворешни работи на Украина соопшти дека има политика на нулта толеранција кон нелегалните активности, особено оние поврзани со корупцијата.
„Министерството никогаш не се обидело да ги заштити осомничените лица“, објави службата за односи со јавноста на министерството.
Тие додадоа дека информациите објавени од НАБУ се делумно резултат на внатрешната ревизија на министерството и соработката со агенциите за спроведување на законот. Министерството, исто така, нагласи дека им обезбедило и продолжува да им обезбедува секаква потребна помош на истражителите.
јули 28, 2026
