Connect with us

Вести

Клековски најави решавање на проблемот со мамографот во поликлиника „Букурешт“

Министерството за здравство ќе преземе активности за што поскоро обезбедување мамограф за поликлиниката „Букурешт“ во општина Карпош, откако повеќе од една година апаратот не е во функција, најави денеска министерот за здравство Сашо Клековски.

Одговарајќи на новинарско прашање за недостапноста на мамографските прегледи во оваа поликлиника, особено во периодот кога се упатуваат апели за редовни превентивни прегледи на жените и дали добил сознанија зошто состојбата е таква Клековски рече дека образложението што го добил не било доволно. 

-Образложението е прилично тенко. Набавката што е потребна за мамографот ги надминува можностите на Здравствениот дом – Скопје, односно ја надминува вредноста на самиот апарат. Ќе направам напор што поскоро да го ставиме во планот за набавки – изјави Клековски.

Тој посочи дека досега се набавени десет нови мамографски апарати, при што фокусот бил ставен на здравствените установи надвор од Скопје, со оглед на тоа што во главниот град дијагностичките можности се нешто поголеми.

Сепак, според него, случајот со поликлиниката „Букурешт“ покажува дека проблеми во достапноста на дијагностичките услуги има и во Скопје.

-Недозволиво е поликлиника која опслужува 70.000 граѓани да биде без мамограф. Без разлика дали преку набавката со Европската Унија, која треба да се реализира и да биде објавена овој месец, или преку посебна набавка, ќе одиме кон решавање на овој проблем – нагласи министерот.

Ad
Ad