Connect with us

Култура

Уникатни археолошки откритија на Градиште, Младо Нагоричане, пронајдени траги од ритуали и инвентар

Археолошкото одделение од НУ Музеј Куманово ги заврши овогодинашните истражувања на локалитетот Градиште во Младо Нагоричане, при што беа откриени нови значајни наоди кои дополнително го потврдуваат ритуалниот карактер на дел од населбата и нејзиниот висок степен на развој, соопштија денеска од установата.

Ископувањата, како што соопшти археологот Дејан Ѓорѓиевски, годинава биле концентрирани на секторот „долна тераса“, каде што пред неколку години, археолошкиот тим пронајде конструкции од 4 век пр. н. е., всечени во карпа како и камени конструкции во вид на тумули, под кои пак беше пронајдено големо количество вотивни садови, мали јами и ритуален сад за вода до нив што сугерираало дека на тој простор се вршени ритуални дејствија.

Како што соопштија од Музејот, источно до откриениот тумул, откриени се ѕидови од градба во кои имало фрагменти од питоси и други стоваришни садови.

-Но, ритуалниот карактер на просторот ни го потврди наодот на питос кој на своето устие има декорација од отпечатоци од прстен, на кој има претстава на женско божество – Деметра, која држи рог на изобилие во едната рака, а со другата прави либација (течна жртва) со кантарос врз триножник-информираше Ѓорѓиевски.

Јужно, откриен е дел од ограден ѕид, кој го одделувал просторот за обреди од остатокот од населбата и непосредно до ѕидот, пронајдени се остатоци од помала просторија, која укажува на активности поврзани со симпозиуми или ритуални јадења.

-Покрај големото количество на наоди од животински коски, диви свињи, кози и слично, имаше и големо количество на трпезна керамика од 4-3 в. пр. н. е. Голем дел од неа беше импортирана, west slope гутус, west slope кантароси, мали црнофирнизирани ехинуси украсени со отпечатоци од палмети, но и фрагменти од амфори, хидрии, кантароси, како и црнофирнизирана лампа и остатоци од керамички фигурини. Особено значајно е што пронајдовме подлога, лежиште, која веројатно била користена за поставување на маса, и уникатни остатоци од декорација од кревет, делови од профилирана ногарка и аплика со претстава на божество. Божеството држи фијала во раце (ритуален сад за либација) и лежи на клине (кревет), веројатно е дел од поголема, симпозиумска поворка од божества-изјави Ѓорѓиевски.

Тој дополнува дека иако наодите се луксузни и уникатни, градбата е прилично скромна. Просторот од источната страна е заграден со два големи триаголни камења, зад кои е поставен ѕид кој ја оградува просторијата од исток, додека од север таа улога ја има оградниот ѕид.

-Поради сето тоа, веруваме дека и оваа просторија е поврзана со ритуалите кои се вршени во теменосот – можеби за ритуални јадења, слично на светилиштето на Деметра и Персефона на Коринт. Во секој случај, големиот број на импортирана керамика, како и остатоците од луксузно украсениот кревет за кој нема многу паралели (слични декорации се наоѓани во богатите гробови од периодот на 4-3 в. пр. н. е. во Пела, како и во кралските гробови од Ајга/Вергина), повторно го потврдуваат високиот степен на развиток на оваа населба.-додава археологот. Ѕидовите се украсени со боен малтер во градбата со перистилен двор истражена претходните години, остатоците од импортираните амфори и украсените керамички садови, зборуваат за развиена трговија и целосна вклученост во цивилизациските текови од македонското кралство од 4-3 в. пр. н. е.- вели археологот.

Следните археолошки истражувања ќе бидат насочени кон доистражување на новооткриените градби и утврдување на можното постоење храм во овој дел од локалитетот.

Ископувањата се реализираат во рамки на Годишната програма за работа на НУ Музеј Куманово, со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам. 

Ad
Ad