Архива
Во тек е втората фаза од конзервацијата и реставрацијата на одбранбената кула „Пирг“ во село Мокриево
Во тек е реализацијата на втората фаза од проектот „Конзервација и реставрација на одбранбената кула Пирг“ на локалитетот „Пирго Каљ’ната“ во село Мокриево, Општина Ново Село, објавија од НУ „Завод и Музеј Струмица“.
-Активностите ги спроведуваме согласно одобрената проектна документација, со цел зачувување, конзервација и реставрација на овој значаен споменик на културното наследство, се наведува во објавата.
Според археолозите, станува збор за Кула која е изградена во 5-от и најверојатно во шестиот век, кога имало големи градежни активности на византискиот император Василиј Први.
Кулата има маркантни димензии, со квадратна основа 10 на 10 метри, дебелина на ѕидовите некаде околу 3 метри. Изградена е во техника со добро обработени изделкани камења со добри внатрешни и надворешни лица. Внатрешноста била исполнета со поситни камења, а како средство за поврзување бил употребен малтер од вар. Подоцна овие објекти со делумни обновувања биле користени и во наредните векови и најверојатно оваа кула била во функција во периодот на Самоиловото царство.
Раководител на проектот е м-р Симона Јованова, виш конзерватор архитект, а кораководители се професор д-р Трајче Нацев, советник конзерватор, и д-р Душко Цветанов, виш кустос археолог.
Проектот е финансиран од Министерството за култура и туризам, а од НУ „Завод и Музеј Струмица“ упатуваат благодарност до Општина Ново Село за логистичката поддршка и одличната соработка при реализацијата на проектот.
Инаку, Пирго е позната локација каде, особено на пролет и во лето, месното население и многу гости често прават излети и се организират настани.
Годинава, на 29 јули се навршуваат 1012 години од Битката на Беласица.
јули 19, 2026

