Connect with us

Економија

Димитриеска-Кочоска: Правилното насочување на средствата најдобро се гледа преку растот на БДП – раст над 3% наспроти раст од 1,8% во периодот на претходната влада

Собраниската Комисија за финансирање и буџет и денеска ја продолжи расправата по Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот за 2026 година, во второ читање. Ова е втор ден од општата расправа по предлог ребаланост на Буџетот за 2026 година, по кој поднесени се вкупно 224 амандмани, од кои од ДУИ – 87, СДСМ – 78, Левица – 51 и од Коалицијата ВРЕДИ осум амандмани. 

Дали средствата од Буџетот се правилно насочени или не се најдобро зборуваат податоците за растот на БДП и буџетскиот дефицит, рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на денешната расправа по предлог измените на Буџетот за 2026 година во рамки на собраниската матична Комисија за финансирање и буџет.

Реплицирајќи на пратеничката Соња Мираковска од СДСМ, според која со ребалансот по само шест месеци Владата признава дека првичните проекции во ноември минатата година биле нереални и „наместо вистински реформи, повторно се оди по полесниот пат: поголем дефицит и ново задолжување“, Димитриеска-Кочоска, укажа на бројките во изминатите години наназад, за, како што посочи, видиме кога најмногу пораснал јавниот долг и што се случувало со бруто домашниот производ во истиот период. 

-Бидејќи логиката е дека државата во дадени моменти, ако навистина правилно ги насочува парите, а тоа е во капитални проекти, тогаш имаме и раст на БДП. Е сега, состојбата на јавниот долг во 2019 година беше 49%. Доаѓа 2020 година – 8% буџетски дефицит. Во исто време, јавниот долг од 49% оди на 59,7%. Во таа година во којашто, нели, постојано се повторува дека сме имале корона криза, ама во исто време Државниот завод за ревизија излезе со податоци и кажа колкав е износот на средствата коишто се дадени за поддршка на стопанството и колку другите средства биле погрешно насочени и не дале дополнителен ефект на економијата. Во истата таа 2020 година имаме пад на БДП од 4,7%. Одиме следна година, 2021. Раст на БДП од 4,5% на паднатиот БДП од 4,7%. Значи, кога другите економии имаа раст поголем од тоа што го изгубија во 2020 година, ние во 2021 не можевме да го стигнеме она што го изгубивме во 2020. Но во исто време буџетскиот дефицит беше 5,3% и во истата таа година веќе јавниот долг отиде на 60,3% – изјави Димитриеска-Кочоска.

Понатаму, посочи министерката, и другите години, на пример 2022 година дефицитот е 4,4% во минус, растот е 2,8% во плус. 

-Статистичките податоци јасно кажуваат колкав бил просечниот раст на БДП во годините од 2017 до 2024 година, притоа мора да земеме предвид дека 2018 и 2019 година се години без никаква криза, а од 2020 година имаме криза. Така што 1,8% наспроти денешниот раст од повеќе од 3% јасно кажува дали парите се правилно насочени или не се – нагласи Димитриеска Кочоска. 

Ребалансот, како што истакна вчера министерката во експозето, претставува одговор на променетите економски околности, инструмент преку кој Владата ги усогласува јавните финансии со реалните потреби на економијата, институциите, стопанството и граѓаните. А особено во  услови кога светската економија се соочува со зголемена неизвесност, наша должност е навремено да реагираме, да ги препознаеме ризиците, но истовремено да ги искористиме можностите што се отвораат.

На ова реплицираше Соња Мираковска, која порача дека освен корона кризата, не треба да се заборави и тоа „што наследивме после 12 години власт на ВМРО-ДПМНЕ и колкави долгови останаа на државата“. 

-Тешко можеше сè тоа да се реши, една слаба економија која за жал сè уште е слаба. Само што сега добра математика правите, добра весела математика, но резултатот е лош – изјави Мираковска. 

Мираковска, исто така, нагласи дека на 31 март 2026 година, јавниот долг достигна 10.747 милијарди евра, односно 58,9% од БДП, а самата Влада проектира дека државата ќе го надмине прагот од 60%, што е еден од основните мастришки критериуми. 

Реплицирајќи на ова, Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ, порача дека „едно е ние тука да си правиме фолклор, да се зборуваме тоа што ќе ни текне“, но фактите се друго, посочувајќи дека „јавниот долг во овој момент е понизок отколку кога вие ја напуштивте Владата.“ 

-Тоа е факт, сакале вие да го признаете тоа или не. Исто така, второ, очекував од вас на жената што е тука, министер за финансии, да и речете „те честитам, 4 и пол милијарди евра досега во две години вративте стари долгови од времето кога ние ги земавме“. Ама некако тоа не се зборува. Второ, голема била корона кризата… Па јас не го напишав ревизорскиот извештај дека сте ги испокрале парите. Во ревизорски извештај стои: земени пари, испокрадени – изјави Стојаноски. 

Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Јулија Тушевска, во своето обраќање пред Комисијата истакна дека и покрај глобалните геополитички тензии, растот на цените на енергенсите и неизвесноста на меѓународните пазари, македонската економија покажува отпорност и бележи позитивни економски показатели.

-Светот повторно се соочува со сериозни геополитички тензии, раст на цените на енергенсите и неизвесност на меѓународните пазари. Сето тоа неминовно има влијание и врз нашата економија. Но и покрај тие предизвици, македонската економија покажува отпорност. Во првиот квартал од 2026 година е остварен реален економски раст од 3,1%, градежништвото бележи раст од дури 7,2%, а нискоградбата бележи двоцифрен раст од 24,5%. Просечната нето плата во март е повисока за 8,2%, а странските директни инвестиции достигнуваат 218,6 милиони евра, што претставува раст од речиси 47% во споредба со истиот период од лани“ рече Тушевска.

Тоа, посочи Тушевска, се показатели дека економијата има потенцијал, но и дека тој потенцијал мора да биде поддржан со паметна фискална политика. 

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Тони Јаревски, истакна дека Владата преку ребалансот ја намалува невработеноста и го поттикнува бизнисот.

-Оваа недела бевме сведоци токму од податоците што ги добивме од подготовката на материјалите од Владата и од Министерството дека Македонија забрзува. Имаме податоци за раст на БДП од 3,1 каде што сите оние потребни документи ни укажуваат дека ќе имаме до 3,5 до крајот на годината. Вкупни приходи од 374,9 милијарди коишто ќе бидат зголемени на 379,5 милијарди, зголемување од 4, а 575 милијарди или 4 милијарди 575 милиона, 1,26 зголемување. Вкупните расходи исто така ќе бидат зголемени благодарејќи на поголемата ефикасност и исполнителност на институциите- истакна Јаревски.

Тој посочи дека се отворени 18.000 нови работни места, невработеноста е намалена на 11,3 проценти, а големиот интерес за Оперативниот план, со повеќе од 3.000 апликации за самовработување, покажува дека граѓаните ги препознаваат можностите за започнување сопствен бизнис преку државната поддршка.

Со предложениот ребаланс  вкупните приходи се ревидираат на ниво од 379,5 милијарди денари. На приходната страна даночните приходи остануваат речиси на првично планираното ниво и се проектирани на 213,2 милијарди денари. Неданочните приходи бележат значително подобрување и се зголемуваат за речиси два милијарди денари, а донациите бележат пораст од речиси 2,7 милијарди денари.

На расходната страна, вкупните расходи се ревидираат на 425,8 милијарди денари, а дополнителни средства се обезбедени за земјоделските субвенции (1,4 милијарда денари повеќе или вкупно 8,7 милијарди денари), за субвенциите во железничкиот сообраќај, поддршка на спортот, студентскиот и ученичкиот стандард…

Расправата за ребалансот на Буџетот во матичната собраниска Комисија трае 10 дена.