Забава
Австралискиот кафеав пајак-ловец е најбрзиот пајак во светот
Кафеавиот пајак-ловец од дождовните шуми на Австралија е прогласен за најбрз пајак во светот, способен да достигне брзина од речиси 3,6 метри во секунда, според ново лабораториско истражување на научници од Универзитетот нa Грајфсвалд во Германија и британскиот Империјален колеџ во Лондон.
Мароканскиот пајак „флик-флак“ долго време се сметаше за најбрз пајак во светот, со максимална брзина од околу 1,7 метри во секунда. Сепак, научниците некое време се прашуваа дали тоа негово движење може да се смета за вистински „спринт“. За да ја решат оваа дилема, cе спроведоа лабораториски испитувања на повеќе од 160 живи видови пајаци од Велика Британија, Австралија, Северна Америка и јужна Европа, како и десетици примероци купени од продавници за домашни миленици. Секој пајак бил поединечно мерен и тестиран на листови хартија со големина А-4 и А-3 со нацртани мрежи на нив, додека камерите ги снимале движењата на пајакот, т.е. неговото трчање… Хартијата била поставена на цврста пластична или метална површина, а ѕидовите на експерименталниот простор биле обложени со течен парафин за да се спречи бегањето на пајакот-заморче, пишува „Индепендент“ (Independent).
„Ја измеривме максималната одржлива брзина на трчање на 236 примероци од 162 вида“, стои во истражувањето објавена на платформата „Биорхив“ (bioRxiv), којашто сè уште не е рецензирана од колеги.
„За да вклучиме што е можно повеќе видови, ги дополнивме резултатите со претходно објавени податоци за 96 други видови“, се додава.
Најбрзиот од нив бил пајакот-ловец (со латински назив „Хетеропода цервина (Heteropoda cervina)“), чиешто природно живеалиште е австралиската сојузна држава Квинсленд. Тој достигнал брзина од 3,59 метри во секунда.
Наводите откриваат и дека брзината на трчањето генерално се зголемува со тежината на пајакот.
„Брзината на трчање значително се зголемува со телесната маса, од минимум 0,018 метри во секунда, мерено кај видот ‘Масо сундевали (Maso sundevalli)’, со тежина од само еден милиграм, до максимум 3,59 метри во секунда кај пајакот-ловец“, велат авторите.
Сепак, големи разлики во брзината биле забележани кај видовите со слична телесна маса.
Како пример, научниците ги наведоа и портокаловиот мрежест пајак „Каломата сигната (Calommata signata)“ и цевкастиот пајак „Сегестрија флорентина (Segestria florentina)“, коишто тежат околу 200 милиграми, но брзината на едниот била дури 28 пати поголема од другата. Научниците истакнуваат дека поголемите пајаци генерално трчаат побрзо, сè додека не се толку големи, оти нивниот тежок стомак ги забавува. Таков, на пр., е малиот портокалов гоблин-пајак „Онопс пулчер (Oonops pulcher)“, којшто тежи само 0,1 милиграм, и се движи со брзина од повеќе од 0,2 метри во секунда.
Истражувачот Шрејас Кучиботла од Империјалниот колеџ за научното списание „Њу сајентист“ (New Scientist) вели дека пајакот изгледал како „виртуелна телепортација“. Научниците, исто така, откриле дека поголемите брзини се поврзани со релативно подолгите нозе.
„Високите перформанси при трчање, кога се зема предвид големината на телото и еволутивното потекло на видот, се поврзани со релативно подолги нозе, но не и со нивната виткост“, велат истражувачите.
Начинот на живот на пајакот, исто така, влијае на брзината. Дали лови на земја или во вегетација, и дали се движи главно исправено или наопаку – и тоа се важни фактори. Овие разлики, според научниот труд, веројатно влијаат и на еволутивната предност на големата брзина и на начинот како таа се постигнува, гласи заклучокот.
јули 3, 2026

