Фудбал
ТАВ Македонија од денес спонзор на младинскиот фудбалски клуб „Пелистер“
ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми и членка на АДП-групацијата стана спонзор на младинскиот фудбал на ФК Пелистер од Битола.
Од Општина Битола соопштија дека поддршката има за цел подобрување на квалитетот, конкурентноста и меѓународното искуство на младите фудбалери и младинскиот фудбал преку организирање контролни натпревари и учество на домашни и меѓународни турнири во подготвителниот зимски период и натпреварувачката полусезона 2026.
– Инвестицијата во младите е клучна за нашето општество, за спортска Битола, за иднината на младите, за нивниот развој во силни личности. Поддршката ќе има улога во обезбедување подобри услови за спортски развој на младите, јакнење на нивниот натпреварувачки дух, тимска работа и спортска дисциплина. Уште еднаш сакам да се заблагодарам на компанијата ТАВ Македонија која уште еднаш ја покажа својата општествена одговорност, развој на заедницата и поддршка на традиционалниот национален спортски тим, истакна Тони Коњановски, градоначалник на Општина Битола.
Во изјава за медиумите, генералниот директор на ТАВ Македонија Неџат Курт, посочи дека особено го радува тоа што од денеска логото на ТАВ Аеродроми ќе биде присутно на ракавот на новиот дрес на ФК Пелистер.
– Со ова спонзорство придонесуваме не само за развојот на идните професионални фудбалери, туку и за здравјето и благосостојбата на повеќе од 400 деца кои активно тренираат во младинските категории на ФК Пелистер, изјави Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Со младинската школа на ФК „Пелистер“ раководи Марјан Секуловски, кој не го криеше задоволството од доаѓањето на новиот спонзор во битолскиот клуб.
јуни 19, 2026

