Connect with us

Вести

Регионалната соработка и Коридорот 10 во фокус на средбата Николоски – Софрониевиќ

Унапредувањето на регионалната соработка, со посебен акцент на реализацијата на заедничките инфраструктурни проекти, кои ќе придонесат за забрзан економски раст, подобра поврзаност и зголемена конкурентност на регионот, беа во фокусот на денешната средба помеѓу заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, со министерката за градежништво, транспорт и инфраструктура на Република Србија, Александра Софрониевиќ, во рамките на министерскиот самит на земјите од Западен Балкан.

Како што соопштуваат од Министерството за транспорт, на средбата особено внимание било посветено на изградбата на брзата железничка пруга на Коридорот 10, при што било истакнато дека станува збор за еден од најзначајните инфраструктурни проекти за развојот на регионот.

– Вицепремиерот нагласи дека Македонија интензивно работи на реализацијата на овој проект, кој ќе овозможи побрз, побезбеден и поефикасен железнички транспорт – стои во соопштението.

Дополнуваат дека на средбата се разговарало и за проектот за изградба на заедничката гранична железничка станица Табановце, која ќе овозможи побрз и поефикасен транспорт на стоки и патници.

– Николоски информира дека е избран изведувач и дека изградбата на станицата ќе почне многу бргу – дополнуваат од таму.

Соговорниците размениле мислења и за унапредување на трговската и економската соработка меѓу двете земји, како и за натамошно подобрување на ефикасноста на транспортните коридори.

– Во таа насока беше разговарано за воспоставувањето и проширувањето на системот на зелени ленти на граничните премини, со цел забрзување на протокот на стоки и намалување на времето на чекање – велат од Министерството за транспорт.

Во фокусот на разговорите било и енергетското поврзување меѓу двете држави, при што вицепремиерот истакнал дека е во тек тендерската постапка за изградба на гасниот интерконектор меѓу Македонија и Србија, проект што ќе придонесе за поголема енергетска сигурност, диверзификација на изворите на снабдување и поконкурентни цени на природниот гас.

Ad
Ad