Connect with us

Вести

Спиридонов: Натпросечно високи температури и повремени интензивни дождови ја очекуваат Македонија летово

Натпросечно високи температури, особено во Повардарието, Скопската Котлина, Пелагонија и источните делови на државата, се најавуваат во текот на летото, кое ќе се карактеризира со повеќекратни и интензивни топлотни бранови, но и со повремени, локално интензивни атмосферски нестабилности. 

Професорот по метеорологија на Природно-математичкиот факултет и член на Советот за безбедност, д-р Владо Спиридонов, во неговиот најнов осврт за летото посочува дека во најтоплите периоди температурите локално би можеле да достигнуваат и над 40°C, а во најизложените подрачја не се исклучени вредности и до 42°C, дури и повисоки.

Во урбаните средини, особено во Скопје, ефектот на високите температури ќе биде изразен и во ноќните часови поради асфалтните површини, намалената вегетација и урбаната густина што може да влијае врз здравјето на луѓето, особено кај оние со кардиоваскуларни и респираторни заболувања, како и да предизвика нарушување на сонот и намалена работна способност и продуктивност.

Спиридонов во изјава за МИА појаснува дека ваквите случувања се резултат на Ел Нињо, кој претставува еден од најзначајните двигатели на климатската варијабилност на глобално ниво. 

– Неговото влијание најчесто се поврзува со засилување на временските и климатските екстреми, вклучувајќи поинтензивни топлотни бранови, продолжени сушни периоди, но и појава на интензивни врнежи и поплави во одделни региони. Дополнително, ваквите климатски аномалии влијаат врз земјоделството, водните ресурси, енергетиката, екосистемите и здравјето на населението. Во поширок регионален контекст, Југоисточна Европа влегува во лето со зголемена веројатност за натпросечни температури, при што Copernicus Climate Change Service (C3S) ја издвојува оваа област како една од најтоплите во Европа во летото 2026 година. Ова дополнително укажува на засилување на топлотните екстреми, подолги сушни периоди и поголема атмосферска нестабилност – посочува професорот Спиридонов.

Вели дека Македонија, поради својата специфична географска поставеност и комбинацијата на котлини, планински масиви и медитеранско-континентални влијанија, претставува подрачје каде што ефектите од екстремната топлина можеет дополнително да бидат изразени. 

Светската метеоролошка организација (СMO) соопшти дека постои речиси 80 проценти веројатност за развој на Ел Нињо во периодот јуни – август, а за периодот септември – декември веројатноста е зголемена на приближно 90 проценти. Актуелните прогнози навестуваат дека најверојатно ќе достигне умерен до силен интензитет. Светската метеоролошка организација нагласува дека навремените прогнози и системите за рано предупредување се клучни за намалување на ризиците и заштита на населението, особено во секторите земјоделство, енергетика и јавно здравје. 

Во тој контекст, професорот Спиридонов, сакајќи да даде личен придонес со освртот специјализиран за Македонија, вели дека се очекува летото да биде обележано со подолги сушни периоди.

– Намалените врнежи и високите температури ќе доведат до намалена влага во почвата, зголемено испарување и засилен воден стрес. Според пресметките, средниот SPI (Standardized Precipitation Index) изнесува приближно -1,5, што укажува на умерена до интензивна суша – се наведува во освртот.

Ризик од шумски пожари, критични Повардарието, Тиквешијата, Гевгелиско-валандовската Котлина и Струмичкиот Регион

Во вакви атмосферски услови ризикот од шумски и вегетациски пожари значително се зголемува и може да премине во високо до екстремно ниво, особено во подрачјата каде што се совпаѓаат повеќе неповолни климатски фактори. Особено критични се Повардарието, Тиквешијата, Гевгелиско-Валандовската Котлина, Струмичкиот Регион и делови од источна Македонија, каде што релјефните карактеристики дополнително ги отежнуваат пристапот и интервенцијата.

– Најранливи се регионите со изразена суша и негативни SPI-вредности, каде што почвата и вегетацијата се веќе долгорочно исцрпени од недостиг на врнежи и високи температури. Клучните фактори што ја зголемуваат опасноста од пожари вклучуваат продолжен дефицит на врнежи, екстремно високи температури и повторливи топлотни бранови, кои доведуваат до забрзано сушење на вегетацијата и намалување на нејзината влажност до критични нивоа. Дополнително, ниската релативна влажност на воздухот во комбинација со засилен локален ветер создава услови за брзо ширење на пламенот и неконтролирано движење на пожарните фронтови – појаснува професорот Спиридонов.

Сушно лето, но и краткотрајно невреме со можност за поројни дождови и поплави

Иако предвидувањата се дека нè очекува сушно лето со натпросечни температури, сепак периодично се најавуваат и краткотрајни, но интензивни непогоди, кои наместа може да предизвикаат и поплави. Ваквите појави, како што објаснува Спиридонов, настануваат во услови на многу загреан приземен слој на атмосферата, акумулирана енергија и локална нестабилност.

– Овие системи најчесто се манифестираат како краткотрајни, но интензивни временски епизоди, проследени со обилни врнежи, град и силни налети на ветер. Во географскиот контекст на Македонија, ваквите појави имаат зголемен потенцијал за брза ескалација во поројни поплави, особено поради релјефната структура и брзото собирање на водата од планинските и ридските подрачја кон котлините. При сув претходен период почвата ја намалува својата апсорпциска способност, што дополнително го зголемува површинскиот истек и ризикот од ненадејни водни бранови. Последиците од ваквите настани може да вклучуваат локални поплавувања на урбани и рурални подрачја, ерозивни процеси, свлечишта и оштетување на патна, водоводна и земјоделска инфраструктура. Иако овие појави се просторни ограничени, нивниот интензитет и брз развој бараат постојано следење на атмосферската нестабилност и навремени системи за рано предупредување – се наведува во освртот на професорот Спиридонов.

Ваквите атмосферски состојби претставуваат предизвик и за земјоделството и за енергетиката. Намалени приноси и стрес за земјоделските култури, како и поголема потреба од наводнување, што секако ќе резултира со оптоварување на водните ресурси. Поради сушниот период и намалените хидролошки дотоци, се очекува и зголемена потрошувачка на струја. 

Научно-аналитичкиот осврт на професорот Спиридонов е изработен во согласност со најавите за развој на Ел Нињо во текот на летото. 

Тој за оваа анализа вели дека е наменета, пред сè, за подобра информираност на граѓаните и институциите и со цел да даде подлабока процена на можните временски и климатски услови и да укаже на потенцијалните опасности и ризици што може да ја погодат Македонија во наредните месеци.

Аналитичкиот осврт е и придонес на професорот Спиридонов кон препораките и заклучоците донесени на неодамнешната национална дебата „Климатски промени – ризици и предизвици“ одржана на иницијатива на претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова.

Билјана АНАСТАСОВА-КОСТИЌ

Извор: МИА

Ad
Ad