Connect with us

Политика

Сајкоски: Кога говориме за Гоце Делчев, ние зборуваме за државноста и она што во иднина следи

Гоце Делчев работел за самостојна, за автономна, за независна Македонија, и загинал за таа идеја. Да ги почитуваме нашите борци кои работеле на идејата за автономна и независна Македонија, порача пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорѓија Сајкоски од денешната трибина на тема „Наследството на Гоце Делчев низ политичката призма за Македонија“, по повод одбележување на 123 години од загинувањето на македонскиот великан, Гоце Делчев. 

– Кога говориме на темата за Гоце Делчев, ние зборуваме за државноста и зборуваме за она што во иднина следи. Државите се градат со многу битки, многу борби, војни, крв и жртви. Гоце Делчев е една од жртвите во македонската историја којшто загинал за тоа што го идеализирал и размислувал. Гоце Делчев во сите свои постапки, дела, работа и писанија што ги има за него е истакнато дека работел за самостојна, за автономна, за независна Македонија, и загинал за таа идеја – истакна Сајкоски.

Според Сајкоски кога говориме за Гоце Делчев, говориме за државноста на Македонија и порача дека треба да работиме во насока да ги почитуваме нашите борци кои дале значаен придонес за автономна и независна Македонија и да продолжиме да работиме за развиена држава со која што ќе се гордеат идните генерации. 

– Да работиме во насока да ги почитуваме нашите борци, нашите жртви, за слобода, за автономија, за Македонија, коишто дале значаен придонес, и да работиме како тие што работеле во минатото. Тие работеле за идеја, за независност, за посебност, за самостојност, а ние да работиме за развиена држава, да работиме за држава економски моќна, да работиме за држава инфраструктурно поврзана и да работиме за држава со која што ќе се гордеат идните генерации и ќе зборуваат исто како ние денес што зборуваме за нашите предци – рече Сајкоски. 

Иванка Василевска, професор на правниот факултет при УКИМ и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ рече дека Гоце Делчев е дел од македонската визија и еден од главните стожери и темелот на изградбата на визијата за современата македонска национална држава. Гоце Делчев, нашиот јунак, нашиот симбол, нашата национална гордост е еден класичен пример на еден револуционерен деец со особен карактер, бидејќи таквите особени луѓе се раѓаат повремено во историските циклуси. Таков не можете да станете. Тој е порив, тој е мисија и тоа е судбина – истакна Василевска.

Гоце Делчев, додаде таа, учествувал во се она што го стекнал како знаење, организирајќи ги револуционерните кругови, но и влијаејќи на најважната компонента, за еден народ да може да создаде национална држава, а тоа е образованието. 

Василевска порача дека Гоце Делчев го ценел секој човечки живот и се водел од чесност и одговорност, ставајќи ги луѓето пред политичките цели.

– Ние се повикуваме на него и го славиме поради неговата прогресивна дејност и поради пораката, која што не секојпат кореспондирала со актуелниот моментум, ниту пак со приликите. И ние сите добро знаеме дека дури и неговите согледувања и за отпорот на одредени воени кругови во Софија, кои по секоја цена сакаа по примерот на априлското востание да изнудат востание, кое без оглед на цивилните жртви, ќе предизвика повоторно еден стрес во светската јавност. Него секој човечки живот, на секој еден Македонец и секој останат кој што се придржува на делото на чесноста одговорноста и визијата за автономна Македонија дека е бесценет и не треба да биде потрошен – рече Василевска.

Жртвата и делото на Гоце Делчев се темел за создавањето на македонската држава, која и денес се соочува со предизвици и напади. 

– Колку и да зборуваме на оваа тема, нема да биде достојно да му се оддолжиме за саможртвата и за се она што го постави преку своето делување со својата чиста мисла, за да дојдеме и да успееме барем на едно мало парче од македонската земја, да формираме национална држава, која не случајно е повторно и повторно историски под напад –  рече Василевска.

На трибината зборуваше и генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки, како и градоначалникот на Штип Иван Јорданов и професорот на Филозофскиот факултет при УКИМ Ванчо Ѓорѓиев. 

Маркетинг
Ad 4
Ad 3