Политика
Ѓорѓиев: Сите обиди за каква било дисквалификација на ликот и делото на Гоце Делчев се достојни за презир и осуда
Сите обиди за каква било дисквалификација на ликот и делото на Гоце Делчев се достојни за презир и осуда, истакна Ванчо Ѓорѓиев професор на Филозофскиот факултет при УКИМ на трибина по повод одбележувањето на 123. години од загинувањето на македонскиот великан Гоце Делчев на тема „Наследството на Гоце Делчев низ политичката призма за Македонија“, во организација на ВМРО-ДПМНЕ.
– Гоце Делчев е синоним на едно време, на една епоха, на македонска борба, за македонска држава, за македонска нација – рече Ѓорѓиев и додаде дека тој станал синоним и инспирација за продолжување на борбата на македонскиот народ.
Како што кажа Гоце Делчев е реална историска личност, која прераснала во митскаи во која народот верува и тоа никој не може да ни го одземе.
За тоа како бил чествуван споменот на Гоце Делчев, Ѓорѓиев прочита дел од воведникот од текст од 1935 година, објавен од Кукушкото братство во Софија, по повод 32 – годишнината од смртта на Гоце Делчев.
– Пред 32 години, во една херојска борба со султанската војска, беше убиен големиот македонски револуционер и апостол, Гоце Делчев. Македонскиот народ ја даде својата најскапа жртва. Во неговото лице, Македонија ја изгуби душата на револуционерна организација. Зошто гоцевата смрт беше толку скапа за Македонија? Затоа што тој беше највдахновениот, најпреданиот и најпламениот борец за слободата на својата поробена татковина. Ревносен чувар на самостојното и ослободително македонското движење и заколнат непријател на надворешните влијанија, од каде и да доаѓаат тие. Затоа македонскиот народ кога е на потера, го стигна кај село Баница, водачот на македонската револуција. Така, засекогаш престана да чука срцето на големиот македонски пионер, кој го црташе патот што води право кон слободата на македонскиот народ. Денес, ние треба да го одржуваме името на големиот апостол и револуционер на Македонија, да го возвишиме неговото дело, како знаење и поука, тоа треба да биде наш прв долг кон татковината, тоа не држи далеку од ниските соблазнувања и од трговците во македонскиот храм. Света должност на македонскиот народ и за емиграција е секоја година, да го одбележува споменот на незаборавениот македонски национален херој, Гоце Делчев, и на плеадата борци, револуционери, и оваа годишнина да се претвори во традиција, на семакедонско народно чествување. Така ќе посведочиме, дека ни е мила нашата слобода и ќе ја изразиме нашата почит и благодарност кон нашиот верен и преден учител и кон безбројните борци што ја посветиле својата младост и го дале својот живот за Македонија – стои во извадокот кој го прочита Ѓорѓиев.
Иван Јорданов, градоначалник на Општина Штип смета дека делото на Гоце Делчев треба да го доближиме до денешните генерации затоа што колку и да е таа временска разлика присутна, 123 години изминати, околностите се различни, времето, приликите, можностите, тогаш и денес се сосема различни, но неговото дело е основата на нашата држава.
Јорданов нагласи дека Штип е со богато културно, историско наследство, а Гоце Делчев е дел од тоа богато наследство и посочи дека делото на Гоце Делчев треба да го доближиме до младите генерации и оние вредности кои ги ширел Делчев да продолжиме да ги шириме и ние.
– Младите коишто се вклучени во политиката, вклучени во организациите ќе ги имаат овие вредности кои Гоце Делчев ги оставил како аманет и како темел на идната македонска држава, а денешна реалност, за да можеме продолжиме да чекориме кон иднината и да ја развиваме нашата држава – кажа Јорданов.
мај 5, 2026

