Connect with us

Политика

Филипче: Денес се злоупотребуваат името, ликот и делото на Гоце Делчев

По повод годишнината од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев, претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, денеска упати политички пораки и критики кон ВМРО-ДПМНЕ обвинувајќи ја партијата за злоупотреба на името, ликот и делото на Делчев.

Филипче во своето обраќање истакна дека Гоце Делчев се борел за слободна и праведна Македонија, а денешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, ја претворило државата во плен на корупцијата.

За жал, денес неговото име се злоупотребува од страна на ВМРО – организација која се претставува како негов „наследник“, а всушност е криминална група предводена од шефот на мафијата, Христијан Мицкоски. Гоце Делчев се бореше против неправда и туѓинска власт. Денешната ВМРО се бори за тендери, заштита на криминалци и за бугарски пасоши во џебовите – изјави Филипче.

Според него, политиките на актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ се во целосна спротивност со идеалите на македонскиот револуционер.

– Гоце Делчев се бореше за слободна и праведна Македонија. Денешната ВМРО ја претвори државата во плен, а граѓаните во заложници на својата корупција и власт. Ако Гоце Делчев денес беше жив, би се срамел од оние што се повикуваат на неговото име додека уништуваат сè за што тој се бореше. Тој лично би се борел против Мицкоски, против оваа денешна криминална група ВМРО и сè она што тие го претставуваат – нагласи Филипче.

Упати порака до граѓаните во која најави продолжување на политичката борба за демократизација на општеството.

– Ние од СДСМ ја чествуваме годишнината од смртта на великанот Гоце Делчев со длабока почит кон неговата идеја – слободна и праведна Македонија. Во чест на борбата на Гоце Делчев на граѓаните им порачуваме: набргу доаѓа времето на правдата и одговорноста, како и некои подобри времиња и идеали за кои се бореше Гоце Делчев. СДСМ продолжува со својата заедничка борба заедно со граѓаните за враќање на власта во рацете на народот, за демократска и европска Македонија – праведна и слободна земја каква што ја сакаше Гоце Делчев – порача Филипче.

Маркетинг
Ad 4
Ad 1