Connect with us

Свет

Китот Тими слободно плива во Северното Море

Грбавиот кит со прекар Тими, кој со недели беше заглавен крај германскиот брег, е на слобода, соопшти денеска тимот кој стои зад иницијативата одговорна за операцијата и снимките од преносот во живо на News5.

Грбавиот кит, кој беше спасен од плиткиот балтички залив кај островот Поел, беше пуштен во Северното Море од баржата со која беше донесен до таму околу 9 часот наутро по локално време, изјави членот на тимот Јенс Шварк.

Конвојот утрово се наоѓал во Скагерак, теснец меѓу источниот брег на Норвешка и западна Шведска, кој води кон Северното Море.

Китот помина неколку недели заробен во плитки води пред волонтерите во вторникот да го префрлат на баржа исполнета со вода. Пред таа голгота, 12-метарскиот кит тежок 12 тони постојано се заглавуваше крај германскиот балтички брег пред да се насука во заливот на Висмар.

Откако властите не успеаја во неколку обиди за спасување, приватна иницијатива поддржана од милионери се вклучи да го организира напорот за ослободување на китот, и покрај загриженоста на еколошките организации и експертите за морскиот свет дека тоа може да му предизвика дополнителна болка на животното.

Спасувачите се надеваат дека китот ќе може да плива низ длабоките води на Северното Море и да се врати во своето природно живеалиште во Атлантикот.

Шварк рече дека сè уште не е јасно дали се достапни податоци за следење. Исто така, не е јасно како китот отпливал или бил одвлечен од пловилото, ниту како се чувствува.

Баржата го донесе китот до точката позната како влез во Северното Море, каде што се спојуваат Категат и Скагерак, а заштитната мрежа на задниот дел од баржата беше отстранета вчера попладне. Но, и покрај ова отворање, китот остана во баражата со часови.

Иако тимот соопшти дека на китот му е поставен GPS предавател за да се овозможи следење, не беше јасно дали тој работи и дали пренесува податоци.

Машкиот кит, стар помеѓу 4 и 6 години, за првпат беше забележан во Балтичкото Море на почетокот на март. Откако постојано се насукуваше, претприемачи ја финансираа баржата за спасување која со реморкер беше донесена до северна Данска.

Сепак, некои специјалисти за диви животни стравуваат дека Тими станал сериозно дезориентиран, стравувајќи дека е повреден или дека умира.

Нејасно е дали Тими сè уште може нормално да плива и да нурка, изјави германскиот истражувач на китови и морски биолог Фабијан Ритер. Исто така, не е јасно дали може да се храни, поради делови од мрежа пронајдени во неговата уста.

Организацијата за заштита на животните Whale and Dolphin Conservation (WDC) соопшти: „За спасување можеме да зборуваме дури кога китот ќе се врати во Северниот Атлантик и таму ќе преживее на долг рок; кога неговата кожа целосно ќе заздрави; кога повторно ќе бара храна самостојно и ќе добива на тежина; и кога ќе се однесува природно.“

WDC и Меѓународната комисија за китолов (IWC) се сомневаат дека Тими е способен да преживее на подолг рок, иако ако предавателот не работи, тоа ќе остане нејасно и китот би можел да угине во наредните денови или недели.

Данските власти за ДПА вчера изјавија дека нема да почнат обид за спасување доколку китот повторно се насука.

Данското Министерство за животна средина истакна дека насукувањето на морските цицачи е „природен феномен“ и китовите генерално „не треба да бидат спасувани или вознемирувани со човечка интервенција“.

Групите за заштита на животните, истражувачите на китови и институциите, вклучувајќи го и Германскиот поморски музеј, остануваат на својата процена дека она што му е потребно на китот е само мир. 

Маркетинг
Ad 1
Ad 4