Connect with us

Култура

Врачено признанието на годинашниот лауреат Тони Михајловски на 18. Меѓународен театарски фестивал во Крива Паланка

На денешната свечена академија од 18. Меѓународен театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски” во Крива Паланка му беше врачено признанието на годинашниот лауреат,  познатиот македонски актер Тони Михајловски, за неговиот исклучителен актерски талент, повеќедецениска посветеност и траен придонес во македонската култура.

На свеченоста се обрати градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, кој му честиташе на Михајловски и потенцира дека ова признание е заслужено со неговиот исклучителен талент, незаборавните улоги и повеќедецениската посветеност.

– По осумнаесетти пат Крива Паланка станува дом на театарот, отворена сцена во која се вткаени врвни театарски имиња, многу одиграни претстави, бројна публика, многу средби и создадени трајни пријателства. Повторно сме заедно: уметниците, публиката и пријателите, за да ја продолжиме традицијата што со децении ја градиме, со посветеност и љубов. Како што рекол Шекспир “Целиот свет е сцена,а сите ние сме актери” , па така, бо претставите ги препознаваме сопствените стравови, желби и надежи, секогаш откривајќи нешто ново и за себе. Затоа упатувам благодарност до сите инволвирани во организација на фестивалот, како и до публиката, што му дава посебна важност со своето присуство. Традиционално, секое издание прогласуваме лауреат, големо актерско име кое остава траен белег во театарската уметност,а годинава, тоа е Тони Михајловски. Затоа, ќе речам дека најубавото признание за еден актер е кога публиката ќе го почувствува како свој, кога со радост публиката го очекува на сцената и знае дека повторно има што да понесе со себе од таа средба. Токму Михајловски го има тоа место кај публиката и заслужено, со талентот и енергијата, искреноста и оригиналноста што ги поседува, остави траен белег во македонската култура. Ви посакувам уште многу успешни улоги и силни аплаузи. Чувствувајте се како дома, затоа што ние веќе Ве чувствуваме како свој, истакна Митовски.

Со повеќе од три децении богато творештво, бројни уметнички остварувања и автентичен актерски печат, Тони Михајловски се вбројува меѓу највпечатливите имиња на македонската театарска, филмска и телевизиска сцена.

На настанот беше кажано дека многу ѕвезди се родија,малку останаа, но меѓу нив е и тој, Тони Михајловски, кој и покрај сите премрежја, сопки и опаски, продолжи да свети сѐ повеќе, па стана и академски професор по глума.

За животот, делото и театарскиот омаж на Михајловски говореше Гоце Ристовски, уметнички директор на фестивалот.

Неговото име е запишано во значајни филмски остварувања како „Џипси меџик“, „Буре барут“, „Збогум на 20-тиот век“, „Балканкан“, „Панкот не е мртов“, „Парада“, „Трето полувреме“ и „До балчак“. За својот придонес во македонската култура е добитник на бројни актерски признанија, меѓу кои и наградата за животно дело „Петре Прличко“.

Во своето обраќање,пак,  Михајловски зборуваше за сцената како свето место, за изведбата како дел од животот и за театарот како уметност што ги надминува времето и границите.

-Продолжете да ја градите културата. Посакувам на јубилејното, 20. издание на фестивалот повторно да дојдам, но тогаш на сцената да ги изговорам зборовите: “Нека се крене завесата!, во ваша сопствена театарска зграда. Дај Боже, рече Михајловски.

Фестивалот е во организација на Здружението за промоција на театарската уметност „Театарски фестивал“ од Крива Паланка, под покровителство на Општина Крива Паланка и Министерството за култура и туризам, во соработка со НУ Центар за култура Крива Паланка.

Организаторите истакнаа дека признанието годинава му припадна на актер чии улоги не исчезнуваат со последниот аплауз, туку остануваат во колективната меморија и претставуваат трајна вредност на македонската култура.