Општини
Грозданов: Лошите урбанисти решенија и отсуството на чувство за јавен интерес доведоа до немање простор за паркирање и неред во сообраќајот
Недостиг на простор за паркирање на возилата во централното градско подрачје е еден од најалармантните проблеми за Кочани. Многу нервоза и непријатности се создаваат особено пред и за време на празници, кога дома си дооаѓаат оние што се на времена работа во странство. Тогаш 2-3 километри се возат по дваесетина минути, често и повеќе.
Кочанскиот градначалник, Владко Грозданов, е свесен за ваквата состојба, која објективно, се провлекува подолг период и тој ја „наследи“. Според него, вината за „сообраќајниот хаос“ што повремено се случува, треба да се бара во претходно донесените лоши урбанистички решенија и во отсуството на чувство за задоволување на јавниот интерес при проектирањето.
-Во повеќе наврати правевме анализи, од каде е толкавиот број возила на улиците, зошто доаѓа до таков застој. Ова прашање многупати сум го упатил до проектантите и инвеститорите. Кога направивте еден цел опсег на згради, почнувајќи од Трговскиот центар до училиштата и Основниот суд, целото градско подрачје вклучувајјќи го и старото Крушарско маало, кое исто така ќе добие нов лик, зошто не оставивте барем една парцела за катна гаража, зошто не задоволивте еден јавен интерес, каде ќе се паркираат возилата на станарите во градите, изјави за МИА Грозданов.
Тој нагласува дека воопшто не се согласува со она што го направиле проектантите. Смета дека тоа не е нормално. Но, веќе е направено.
-Постоечкиот детален урбанистички план е донесен во 2015 година. Доколку како Општина сега започнеме да го менуваме ДУП – от, ќе поминат 7 – 8 години, прецизира градоначалникот Владко Грозданов.
Тој, исто така, напоменува дека и бројот на возила во градот навистина е голем.
-Во зградите на секој стан му следува едно место за паркинг, значи за едно возило. Но, сите ние имаме не по едно, тку и по две, некои семејства и по три возила. Дополнително, дел од станарите во зградите гаражниот простор го користат како магацин и сите паркираат на отворен простор. Оттаму доаѓа создавањето на голем број на возила паркирани на улиците, го појаснува својот став градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов.
Како можност за излез од ваквата состојба тој планира изградба на три платформи за паркирање – кај спортската сала до Гимназијата „Љупчо Сантов“, позади Основниот суд и во дел од кругот на ОУ „Никола Карев“. Изградба на катни гаражи, според него, е прескапа варијанта и за такво нешто ќе треба и повеќе пари и ќе трае подолго време. Грозданов смета дека платформи за паркирање е поевтина и подобра алтернатива за решавање на проблемот со обезбедување повеќе паркинг простор во централното градско подрачје.
-Нашите анализи покажаа дека на посочените локации има површина од 2 000 квадратни метри. Во моментов таму се паркираат 125 возила без соодветна регулација. Просторот ниту е асфалтиран, ниту обележан, само е покриен со асфалтен тампон. Доклку таму се направат две платформи – правилно урбанизирани, средени, со сообраќаен режим, ќе се добие простор за паркирање за 250 возила, што позитивно ќе влијае и ќе го релаксира сообраќајот.
Потребната документација, нагласува градоначалникот, за изградба на платформите за паркиралишта е изготвена, се бараат средства за реализација на овие проекти. Од сопствен буџет, односно од парите што се собираат од продажба на градежно земјиште и плаќање на комуналии, Општина Кочани тоа не може да го направи.
-Тие средства ние ги користиме за изградба и одржување на локални патишта и улици, тротоари, за реализација на помали инфраструктурни и комунални проекти. Очекуваме со подршка од Владата да изнајдеме начини да дојдеме до квалитетни средства што ќе ни овозможат изградба на две платформи за паркирање, што е од посебен интерес за граѓаните и нормалното функционирање на градот, порача во разговорот за МИА градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов.
мај 2, 2026

