Останати спортови
Алкалоид го дели третото место, уште две кола до медал на Светското екипно шаховско првенство
Во Драч, Албанија, се одигрува Светското екипно првенство во шах за играчи над 50 години, на кое ШК Алкалоид ги брани боите на Македонија играјќи во конкуренција на повеќе репрезентации.
Откако на стартот забележаа три победи и еден пораз од прворангираната селекција на САД, македонските гладијатори продолжија со триумф против женската репрезентација на Казахстан, а во тој меч победата од 3:1 беше освоена благодарение на поединечните триумфи на Звонко Станојоски и Габриела Коскоска.
Потоа следуваа два противника кои котираат високо и кои се во игра за медал. Во шестото коло против репрезентацијата на Италија, која по 7 кола го дели првото место со САД, беше одиграно 2:2, со реми на сите четири табли, при што беше пропуштена шанса за победа на мечот кога на третата табла Драгољуб Јаќимовиќ, иако имаше јасна предност во позицијата, на крајот заврши со реми.
Во седмото коло екипата на ШК Алкалоид дојде до уште еден нерешен резултат против
репрезентацијата на Унгарија, кога, исто така, сите партии завршија реми.
На овој начин, ШК Алкалоид со 10 бода од 7 кола е на делба на третото место и во денешното 8.коло во директен дуел со Казахстан ќе се обиде да опстои на врвот од табелата и да остане во борба за медал во последните две кола. Според стартниот рејтинг, ШК Алкалоид е рангиран како шести носител, додека, пак, репрезентацијата на Казахстан е трета според овој параметар, веднаш зад САД и Англија.
На паралелниот турнир за играчи над 65 години се случува вистинска драма – пет репрезентации го делат првото место со 11 бода, а уште седум се зад нив со по 10 поени.
април 27, 2026

