Фудбал
Барселона без Јамал до крајот на сезоната, но би требало да е подготвен за СП
Фудбалерот на Барселона, Ламин Јамал, ќе отсуствува од теренот до крајот на сезоната поради повреда на тетивата, објави денеска шпанскиот клуб.
Јамал ја повреди тетивата на натпреварот против Селта во средата, а Барселона соопшти дека 18-годишниот шпански крилен напаѓач би требало да биде подготвен за Светското првенство оваа година.
Оваа сезона, Јамал одигра вкупно 45 натпревари и постигна 24 голови за Барселона, која, на шест кола до крајот на првенството, е лидер на табелата со 82 бодови, девет повеќе од второпласираниот Реал Мадрид.
Каталонскиот клуб веќе го освои шпанскиот Суперкуп а оваа сезона, додека беше елиминиран од Атлетико Мадрид во полуфиналето на националниот Куп и во четвртфиналето во Лигата на шампиони.
април 23, 2026

